Обвинителот Цветановски: Суспендиран сум поради мојата одлука предметот за бонусите во СЈО да биде вратен на повторно одлучување

Цветановски посочува на судир на интереси во Комисијата која одлучувала за неговата суспензија, и открива дека поднел кривични пријави против републичкиот јавен обвинител Љупчо Коцевски и обвинителката Лиле Стефанова, но досега, како што вели, нема институционален одговор.

Суспендираниот јавен обвинител од Вишото јавно обвинителство Скопје, Јован Цветановски, за државната МИА отворено зборува за причините за неговата суспензија, за притисоците и за обидите, како што тврди, да се дискредитира неговата работа преку хајка што трае со месеци, а со цел да се поништи неговата одлука во предметот поврзан со бонусите исплатени во поранешното Специјално јавно обвинителство (СЈО), кои како што беше пласирано во јавноста беа во висина од фрапантни 4,6 милиони евра.

Цветановски посочува на судир на интереси во Комисијата која одлучувала за неговата суспензија, и открива дека поднел кривични пријави против републичкиот јавен обвинител Љупчо Коцевски и обвинителката Лиле Стефанова, но досега, како што вели, нема институционален одговор.

– Само како пример, за мојата хајка овие неколку месеци, е тоа што е извршен наводен фингиран надзор од страна на Комисија, која што е составена од Коцевски. Во Комисијата се тројца обвинители. Едниот обвинител е Лиле Стефанова, која директно е засегната за нејзината иднина, бидејќи таа е појавена и во СЈО предметот, но, и во „Поштенски банки“ на кои работела како јавен обвинител… Но, има уште една ситуација. Тие сакаат фактички, мојата работа да ја прогласат за незаконита за решението кое што го имам донесено за СЈО да биде незаконито и фактички, да се спасат за предметот за СЈО. Тоа е главната цел, изјави Цветановски.

Тој детално ја објаснува хронологијата на случајот, неговите постапки, заканата од Коцевски преку неговиот шеф Хајрулахи и нагласува дека стои зад неговата одлука за укинување на решението на ОЈО ГОКК за затворање на предметот.

Дополнително, тој ја потенцира потребата од реформи во обвинителството, кое го опишува како „девастирано“ и под влијание на политички и бизнис структури, нагласувајќи дека оставката на Коцевски „многу ќе помогне на целата состојба во Обвинителството, за колегите и Обвинителството конечно се ослободат од стегите“.

-Јас само ќе кажам дека тоа за што се борев цело време е во обвинителството да немаме предмети кои некој ги нарекува „рекет обвиненија“, бидејќи тоа се предмети во кои обвинителството е маша на одредени политички или бизнис авторитети. Сега ќе формираме предмет, тој не ми се допаѓа мене, и ние влегуваме во систем и ние него ќе го гониме. Но делото не одговара, ама сепак ќе постапуваме. Таквите предмети се гледаат со голо око, седум-осум години траат тие судења, изјави Цветановски.