Обвинителката која го води случајот не знаела дека Зеќири не е во затворот во Шутка

Вишото обвинителство е на истиот став за ефективниот притвор на екс-генералниот секретар во Владата, Мухамед Зеќири. Децидни се дека дека Зеќири треба да остане во притворското одделение во скопско Шуто Оризари.

Според информацијата на „А1он“, здравствената состојба на Зеќири се подобрува, така барем информираат неговите адвокати, кои сепак не соопштуваат повеќе детали околу неговата здравствена состојба.

Според информациите на „А1он“, обвинителката Катерина Коларевиќ од Обвинителството за гонење организиран криминал која го води случајот против осомничениот немала одговор за дијагнозата поради која Зеќири наместо во затвор, се наоѓа во болница. И таа од медиумите дознала каде се наоѓа екс-генералниот секретар на Владата.

„Предметниот обвинител кој предложи определување на мерка притвор и нејзино продолжување, до овој момент не е известен дека лицето за кое покажувате интерес се наоѓа на друга локација која не е КПУ Затвор Скопје што се наоѓа во Шуто Оризари. Според информации на одредени медиуми лицето е на лекување на Инфективната клиника во Скопје, но обвинителството нема добиено официјално известување од надлежните органи“ – рекле од ОЈО-ГОКК за медиумот.

Меѓу причините со кои се бара укинување на ефективниот притвор е тоа што Зеќири тврди дека секогаш соработувал со органите на прогонот, има фамилија, дека ако сакал да бега имал година и половина за тоа, дека не може да влијае на сведоци кои и за скопското Обвинителство се непознати.

За тврдењето на Обвинителството дека Зеќири може да избега бидејќи родителите на неговата сопруга живеат во Германија, осомничениот рече „Тие живеат со нас, во Македонија, не се во Германија“.

Мухамед Зеќири е осомничен за злоупотреба на службената положба и овластување.

Обвинителството го сомничи дека без спроведување на соодветна постапка за јавна набавка, склучил договор за консултантски услуги со правно лице во што со умисла му помогнале двајца хрватски државјани.