Од Вишото јавно обвинителство – Смедерево поднеле обвинителен акт против Урош Б. за масовното убиство во селата Дубона и Мало Орашје на 4 мај годинава, соопштуваат денеска од обвинителството.
Во обвинението се наведува дека Урош Б. убил девет лица, од кои двајца малолетни пукајќи од автоматска пушка и пиштол. Тој се обидел да им ги одземе животите на уште 20 луѓе, од кои 12 ги ранил.
Во обвинението се и неговиот татко, вујко и братот на вујкото од Крагуевац. Обвинителството предлага максимална казна од по 20 години за Урош Б. и за неговиот татко.
Урош Б. се товари дека сторил кривично дело тешко убиство, недозволено изработување, држење, носење и тргување со оружје и распрскувачки материи и неовластено користење туѓо возило.
„Истрагата утврдила и дека Урош Б во куќата во која живеел неовластено чувал поголемо количество оружје, делови за оружје и муниција“, стои на сајтот на Обвинителството во Смедерево.
Татко му Радиша Б. се товари дека сторил кривично дело недозволено изработување, држење, држење и пуштање во промет оружје и распрскувачки материи и кривично дело против општата безбедност. Тој е обвинет дека му дозволил на синот „да поседува оружје и да го употребува вежбајќи пукање од означена автоматска пушка и пиштол во подрум од куќата во вреќа со песок“.
Урош Б. во моментот на извршувањето на делото сè уште немал 21 година, поради што според Кривичниот законик не е можно да му се изрече доживотен затвор, туку како максимална казна затвор, казна од 20 години, што Обвинителството го предложи во обвинението.
Обвинителството предложи и неговиот татко, обвинетиот Радиша Б, да биде осуден на 20 години затвор.