13 обвинети признаа вина за предметот „Синдром“ – пресудена затворска казна

Пресудите и изречените санкции се однесуваат на 13 лица кои во текот на досегашната постапка се спогодиле со Обвинителството, а меѓу кои е и првообвинетата, додека за другите 36 е поднесено обвинение. Покрај затворската казна од три и пол години, на првообвинетата ѝ се одземаат и 15 000 евра што противправно ги стекнала во криминалната шема.

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) поднесе обвинителен предлог против 36 од вкупно 49 осомничени за криминалот со туѓа нега и инвалидска пензија за кој истрага беше отворена во април годинава, со кодно име „Синдром“.

Другите 13 не се опфатени со обвинението бидејќи во меѓувреме се веќе осудени откако го искористиле институтот спогодба со Обвинителството. Како што информираа денеска од ОЈО ГОКК, меѓу оние што склучиле спогодба е и првообвинетата во случајот, која е осудена на единствена затворска казна од три години и шест месеци.

Инаку, како што беше објавено по отворањето на истрагата во април, станува збор за поранешна вработена на Универзитетската клиника за уво, нос и грло. На неа на товар ѝ се ставаа, а сега е и осудена за кривичните дела злосторничко здружување, давање поткуп и примање поткуп.

Покрај затворската казна, на неа ѝ се одземаат и 15 000 евра што противправно ги стекнала во криминалната шема во која преку примање и давање поткуп се правеле злоупотреби во постапката за остварување права за надоместок за помош и нега од друго лице и незаконско стекнување право на инвалидска пензија.

На другите што се спогодиле им се изречени условни казни од една до две години.

„На останатите кои се спогодија им е изречена алтернативна мерка – условни осуди на казна затвор од една до две години, која казна затвор нема да се изврши доколку обвинетите во рок од три односно пет години не сторат ново кривично дело. Од нив на едно лице му се одзема имотната корист која настанала како резултат на извршување на кривичното дело – надоместок за помош и нега од друго лице во вкупен износ од 36 520 денари, а на едно лице противправно стекнатата имотна корист од 2 360 евра и 81 000 денари“, се вели во соопштението од ОЈО ГОКК.

Што се однесува до обвинетите за кои постапката ќе продолжи во редовен судски процес, Обвинителството ги гони за кривичните дела злосторничко здружување, давање поткуп, примање поткуп и давање награда за противзаконито влијание.

Од Обвинителството потсетуваат дека обвинетите биле организирани во две криминални групи кои во текот на 2023 година и до април 2024 година посредувале и незаконски овозможувале добивање права на туѓа нега и инвалидска пензија, во замена за парични средства. Цената за овие услуги се движела од 150 до 5 000 евра, зависно од видот и времетраењето на правото што се обезбедувало.

Што се однесува до обвинетите за кои постапката ќе продолжи во редовен судски процес, Обвинителството ги гони за кривичните дела злосторничко здружување, давање поткуп, примање поткуп и давање награда за противзаконито влијание.

Од Обвинителството потсетуваат дека обвинетите биле организирани во две криминални групи кои во текот на 2023 година и до април 2024 година посредувале и незаконски овозможувале добивање права на туѓа нега и инвалидска пензија, во замена за парични средства. Цената за овие услуги се движела од 150 до 5 000 евра, зависно од видот и времетраењето на правото што се обезбедувало.

„Организаторите и припадниците на групите – меѓу кои се и лекари, адвокат и службени лица од неколку јавни установи – користеле своја службена положба и реално влијание за незаконско издавање на медицински мислења и одлуки во корист на барателите на права. На овој начин, биле заобиколени одредбите од Законот за социјална заштита“, се наведува во денешното соопштението од ОЈО ГОКК.

Сè почнувало со барање и примање мито или награда од барателите на социјалното право што сакале да го остварат.

Како што информираа во април од Обвинителството, обезбедувањето на правото на туѓа нега било во фокусот на првата криминална група, која се здружила околу првообвинетата во текот на 2023 година.

Барателите што давале поткуп, биле пријавувани кај матични доктори во Велес, за потоа надлежна за постапување да биде Стручната комисија за издавање наод, оцена и мислење при ЈЗУ Општа болница – Велес, чиј поранешен и актуелен претседател на комисијата биле членови на групата.

Паралелно со активностите на оваа група, во исто време во текот на 2023 година вработената на Универзитетската клиника за уво, нос и грло – Скопје заедно со уште неколкумина други обвинети создале нова група која ги вршела истите кривични дела како и претходната, но нејзиниот фокус бил обезбедување на правото на инвалидска пензија.

Со поднесеното обвинение надлежниот јавен обвинител до судот доставил и предлог на петмина обвинетите да им биде продолжен затворскиот, а на исто толку куќниот притвор. За останатите обвинети се бара продолжување на мерките за претпазливост.