
Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција поднесе обвинителен предлог против Ване Цветанов, поранешен вршител на должност претседател на Советот за унапредување и надзор на ревизијата на Република Северна Македонија (СУНРСМ). Според обвинението, тој со неизвршување и пречекорување на службените овластувања набавувал стоки и услуги за лични потреби, ангажирал блиски лица без одлука на Советот и склучувал договори кои предизвикале финансиска штета врз буџетот на институцијата.
Во поднесениот обвинителен предлог, Обвинителството наведува дека на обвинетиот му се става на товар кривично дело „Злоупотреба на службена положба и овластување“ по член 353 став 5 во врска со став 1 од Кривичниот законик. Цветанов, во периодот од 2021 година до 15 март 2022 година, постапувал спротивно на повеќе законски прописи, прибавувајќи противправна имотна корист за себе и други лица и нанесувајќи значителна штета на буџетот на СУНРСМ.
И покрај тоа што не биле спроведени потребните постапки согласно Законот за јавни набавки, обвинетиот набавувал стоки и услуги што главно ги користел за лични цели. Притоа биле потрошени:
– 1.062.963 денари за ресторански услуги, хотелско сместување во Скопје, безалкохолни пијалаци, кафе и тоалетни производи;
– 300.350 денари за конференциски услуги кои воопшто не биле реализирани, но биле исплатени;
– 317.859 денари за такси превоз и изнајмување возила;
– 741.649 денари за хотелски и туристички услуги во земјава и странство, вклучително и пенали за откажување и промена на патувања.
Дополнително, иако Советот немал потреба од надворешна правна обука за менаџирање со работни процеси, обвинетиот одобрил исплата на 295.000 денари на правно лице за вакви услуги, иако ваквиот сертификат не бил потребен за неговата функција.
Обвинителството исто така наведува дека Цветанов, без одлука на Советот, склучил три договори со својата невенчана сопруга како надворешен советник за специјални цели. Врз основа на овие договори биле реализирани службени патувања во странство, каде што трошоците за патувањето и сместувањето биле на товар на СУНР, а дополнително биле исплаќани дневници и патни трошоци со кои буџетот бил оштетен за 93.800 денари.
Покрај тоа, обвинетиот без претходна одлука на седница на Советот склучил 18 договори за ангажирање физички лица, за што биле исплатени 1.934.237 денари од буџетот на институцијата. Овие исплати се однесувале на авторски дела и консултантски услуги поврзани со јавни набавки, човечки ресурси, технички спецификации, поддршка за техничка евалуација, антикорупциски практики, како и на услуги за изработка на завршна сметка и проектно-техничка документација.
Обвинителството дополнително посочува дека обвинетиот без одлука на Советот ангажирал правно лице за инсталирање апликативен софтвер за основни средства и финансиско книжење, иако институцијата веќе имала склучен договор со друго правно лице за годишно одржување на софтверот и финансиското сметководство.
Според Обвинителството, со овие дејствија е предизвикана финансиска штета од неколку милиони денари, а предметот е доставен до надлежен суд за понатамошна постапка. Обвинетиот се смета за невин додека неговата вина не биде докажана со правосилна судска одлука.