Обвинението за претседателката на ДКСК најматен настан во јули

Транспаренси Интернешнл-Македонија ја објави листата на најматни настани во државата во изминатиот месец високо котирајќи ja состојбата во ДКСК и околу нејзината претседателка Татјана Димитровска.

Транспаренси Интернешнл-Македонија ја објави листата на најматни настани во државата во изминатиот месец високо котирајќи ja состојбата во ДКСК и околу нејзината претседателка Татјана Димитровска.

„Претседателката на ДКСК направила упад во системот за класифицирани информации, колега полагал тест за да добие сертификат „државна тајна“ – Обвинителството соопшти дека е поднесено обвинение против претседателката на Антикорупциската комисија Татјана Димитровска за оддавање на службени тајни на обвинет во случајот Адитив. Таа вадела и фотографирала податоци од предметите на Антикорупциската комисија кои се однесуваат на набавки на адитиви во енергетскиот државен сектор и за набавка на мазут на обвинетиот Небојша Стојановиќ, обвинет во предметот „Адитив“ и поранешен директор на ТЕЦ Неготино. Но, шокантно е што при проверката на службениот телефон на Димитровска во рамките на истрагата било откриена дека таа и уште еден државен службеник односно ревизор направиле фалсификати и упад во системот за класифицирани информации. Димитровска „најмила“ колега-ревизор (таа пред функцијата претседател на ДКСК беше ревизор во ДЗР) кој со нејзини шифри и кодови влегувал и во нејзиното име ги следел предавањата и ги полагал тестовите за таа да добие сертификат „државна тајна“.

Од другите матни настани Транспаренси интернешенел издвојува:

-„Стари болки во нов извештај на ЕК за Македонија – Да се почитува принципот на поделба на власта, да се спречат натамошни негативни последици од измените на Кривичниот законик, да се спроведе ефективна имплементација за антикорупциски реформи, за независно судство…Ова се само дел од наводите во Годишниот извештај на Европската комисија за владеење на правото за 2025 година.

-Северна Македонија продолжи да ги спроведува судските реформи, но мешањето и притисокот од другите државни власти предизвикуваат сериозни загрижености во врска со независноста на судството, се вели во извештајот.

Од ЕК посочуваат дека сегашните основи кои може да доведат до разрешување на главниот обвинител, вклучуваат широки дефиниции, како што е „несоодветно однесување што го нарушува угледот на јавното обвинителство“, што остава простор за правна несигурност и политизација на разрешување на главниот обвинител. Комисијата наведува дека загриженост предизвикале и некои случаи во врска со почитувањето на независноста на судството и принципот на поделба на власта, а како еден од нив ги посoчува најавите од владино ниво за „распуштање“ на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители.

Друг матен настан е тој поврзан со лекари, адвокати и останати службеници вплеткани во криминална мрежа со инвалидски пензии и добивање право за туѓа нега – 36 лица осомничени за злоупотреби при доделување на права за туѓа нега и инвалидска пензија.

„По неколкумесечна истрага, од обвинителството тврдат дека осомничените, како дел од две криминални групи посредувале и овозможувале незаконско стекнување право за инвалидска пензија и туѓа нега за што наплаќале помеѓу 150 и 5.000 евра. Десетмина се товарат за злосторничко здружување, давање поткуп и примање награда за противзаконито влијание, петмина се обвинети за злосторничко здружување и примање поткуп, додека останатите 19 лица се обвинети за давање поткуп и давање награда за противзаконито влијание…“, оценува Транспаренси.

Ревизија откри и сериозни системски слабости во работењето на ФЗО во 2023-Недоволна контрола и ИТ слабости го загрозуваат здравствениот систем и јавните финансии. Државниот завод за ревизија откри сериозни системски слабости во работењето на Фондот за здравствено осигурување за 2023 година, укажувајќи на отсуство на единствен интегриран систем за упати, лекарски извештаи и фактурирање. Недостатокот на соодветни контроли создава ризик за неправилно користење на јавните средства и ја поткопува ефикасноста на здравствените услуги, се вели во ревизорскиот извештај за 2023 година.

Државниот завод за ревизија утврди финансиски и системски неправилности кај Државното правобранителство. Евидентиран е недостаток на транспарентност и неправилности во постапките за јавни набавки, како и проблеми со ангажирање лица по договор на дело за работни места предвидени со систематизацијата. Системските слабости се однесуваат на недефинирани процедури за оценка на работењето и дисциплински мерки за правобранителите, регулирање на надоместоци за одвоен живот и нејаснотии во процесот на авансно плаќање и поврат на трошоци.

„ЈП за стопанисување со спортски објекти не постои од 2017 година, а сепак сѐ уште работи – Државниот завод за ревизија не може да ја потврди билансната состојба на Јавното претпријатие за стопанисување со објекти за спорт (ЈП) поради тоа што повеќе години наназад не е извршен попис на средствата, побарувањата и обврските и не е вршено усогласување на сметководствената евиденција со фактичката утврдена со попис, голем дел од документацијата на ЈП е изгубена поради поплава во деловните простории или одземена во истражни постапки од надлежни органи.

Недоволен буџет за здравствена заштита и застој во изградбата на нови болници, регистрираат ревизорите во извештајот за 2023 – Ревизијата на Министерството за здравство за 2023 година утврди дека 23 програми за здравствена заштита се реализирале со недоволни средства, што влијае на ликвидноста на Јавните здравствени установи, отсуство на лекови во определени периоди и слабости во контролите, стои во извештајот на Државниот завод за ревизија. Исто така, капиталните проекти, вклучувајќи ги изградбата на нови клинички центри, се соочуваат со долгорочни застои и финансиски импликации на вкупната вредност на проектите, што влијае на достапноста и квалитетот на здравствените услуги за граѓаните.

Ревизија на Основен суд Прилеп: Нема одделение за внатрешна ревизија и нема одредби за утврдување плати – Не е воспоставена сметководствена евиденција и нецелосни податоци во апликацијата АКМИС за одземените парични средства и скапоцености и други одземени предмети и не е извршен попис на истите. Пописот на парите и обврските не е спроведен согласно одредбите од Правилникот за сметководството на буџетите и буџетските корисници.

Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) констатирала прекршок според Законот за спречување на корупција и судир на интереси кај професор и заменик директор на Институтот за сточарство и рибарство при Универзитетот ,,Свети Кирил и Методиј”. Членот на Комисијата, Зоран Богоевски, информираше дека ДКСК констатирала дека службеното лице сторило прекршок според Законот за спречување на корупција и судир на интереси. Имено, имало деловни активности меѓу Институтот и одредено правно лице, кое било предмет на инспекциски надзор од страна на Инспекторатот. Од страна на Инспекторатот при инспекциски надзор било констатирано дека во правното лице, согласно на тековната состојба во Централен регистар, косопственик се јавувало лице, сопруга на службено лице вработено како професор во Институтот.

Транспаренси интернешенел објави и „бистри“ настани за месец јули :

Позната битолска очна докторка е уапсена на своето работно место во Клиничката болница во Битола, откако од пациент примила пари за лекарска услуга. „Pполициски службеници од криминалистичката полиција на СВР Битола, во координација со Јавното обвинителство Битола, ја лишија од слобода вработената докторка од Битола, вработена во Клиничката болница Битола, поради сомнение за сторено кривично дело – примање поткуп “. Министерството за здравство преку соопштение ја осуди корупцијата во здравствениот систем и информираше дека веднаш е иницирана постапка за утврдување на дисциплинска одговорност на лекарката. Од таму ги охрабруваат граѓаните да продолжат да пријавуваат неправилности преку веб алатката „Пријави неправилност“.

Обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција поднесе обвинение против директорот на ЈЗУ „13-ти Ноември“ – Скопје и уште едно лице, поради сомневање за примање поткуп и награда за противзаконито влијание. Директорот, како првообвинет, се товари дека побарал 20.000 евра од сведок за да овозможи прием на лице во тешка здравствена состојба во установата. Иако се работело за службена обврска која морал да ја исполни согласно должноста, директорот го условил дејствието со лична финансиска корист. Второобвинетото лице, според обвинението, ја примило сумата во негово име за да изврши влијание и да го поттикне да го прифати пациентот.

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција поднесе Обвинителен предлог против едно лице на кое му се става на товар дека сторило кривично дело – Злоупотреба на службена положба и овластување по чл.353 ст.5 вв ст.1 од Кривичен законик. Според обвинението, во периодот од 2021 година до 15 март 2022 година, обвинетиот, во својство на вршител на должност Претседател на Советот за унапредување и надзор на ревизијата на Република Северна Македонија (СУНРСМ), со неизвршување и пречекорување на службени овластувања, постапувал спротивно на повеќе законски прописи и со тоа прибавил противправна имотна корист за себе и други лица, нанесувајќи притоа значителна штета на буџетот на институцијата.

На веб-страницата на Министерството за здравство граѓаните отсега ќе може да пријавуваат неправилности во здравството. Пријавувањето ќе биде анонимно, но граѓаните ќе може да остават лични податоци како телефонски број и мејл-адреса за надлежните да ги контактираат доколку имаат некакви прашања. Согласно новината, предвидено е на крајот на секој месец јавно да се објавуваат податоците од пријавите – во кои јавни здравствени установи колку неправилности биле пријавени од страна на граѓаните.