Независна Угостителска Комора (НУК), денеска на прес – конференција упати барање до Владата, Министерството за економија и Министерството за внатрешни работи за решавање на моменталната ситуација со ненавременото издавање, односно неиздавање лиценци на друштвата кои ги менаџираат ноќните клубови, кабареа и летните дискотеки во Скопје.
Според претседателот на НУК, Здравко Јосифовски и покрај сите уредно обезбедени документи и платени давачки согласно законската регулатива и согласно практиката во изминатите 30 години, оваа година ниту едно скопско друштво, односно ниту еден ноќен клуб нема добиено лиценца за работа, а ова лето сме сведоци дека познатите ноќни забави и ноќен живот не постојат.
-Проблемот со кој што се соочуваат ноќните клубови е што во дополнителната документацијата им се бара имотен лист кој што е приложен од сите страни, но од некои оправдани или неоправдани причини МВР не сака да издаде согласност која што ја добивале порано друштвата за да може лиценцата да ја издаде Министерството за економија. Бараме Владата во координација со министерствата да организира заедничка средба со сите чинители и учесници во креирањето на судбината на ноќниот живот во Скопје со цел да се изнајде начин и можност веднаш да се најде решени за моменталната ситуација, односно како да им се овозможи на друштвата кои што ги исполнуваат во целост условите за работа и добивање лиценца, истите да им се издадат, рече Зафировски на прес-конференцијата пред Министерството за економија.