Ноќеска фрлени шок-бомби на полициските станици во Звечан и Северна Митровица
Косовската полиција соопшти дека ноќеска биле фрлени четири шок бомби врз полициски станици во општините Звечан и Северна Митровица на северот на Косово, каде што живее мнозинско српско население.
Во извештајот на косовската полиција се наведува дека ноќта на 15 кон 16 јуни околу еден часот по полноќ во оградениот простор на полициската станица во Северна Митровица биле фрлени две шок-бомби.
Неколку минути подоцна, врз полициската станица во Звечан биле фрлени уште две шок-бомби.
Полицијата се сомнева дека шок-бомбите биле фрлени од возило во движење, кое веднаш се оддалечило од местото на настанот.
Претходно, портпаролот на косовската полиција Ветон Ељшани во изјава за регионалниот сервис на Радио Слободна Европа потврди дека во текот на ноќта се слушнале детонации во близина на полициските станици во Звечан и Северна Митровица. Кажа дека во нападите нема повредени, а оти е оштетено едно полициско возило.
По однос на случајот е отворена истрага, но дека засега, како што соопшти Ељшани, нема осомничени.
Тензиите на северот на Косово се зголемија во последните три недели откако новите албански градоначалници на општините во мнозинско српско население во северно Косово со асистенција на косовската полиција, влегоа во општинските згради. На тоа се спротивставија косовските Срби кои ги бојкотираа локалните избори.