Нов сој на коронавирус потврден во 22 земји

Голем пораст на бројот на заразени со нов вид на коронавирус во Индија, тоа ги зголемува стравувањата од исто сценарио и во други делови на светот.

Истражувањата покажуваат дека новиот сој – „арктурус“ може да биде 1 до 2 пати позаразен од последната подваријанта. Досега е откриен во 22 земји, важно е што засега не изгледа посмртоносно од претходните соеви.

Познат и како подваријанта омикрон XBB.1.16, наречена арктурус, овој сој првпат беше идентификуван во јануари, а Светската здравствена организација (СЗО) го следи од 22 март, пишува „Индипендент“.

Д-р Марија Ван Керхове од СЗО смета дека варијантата XBB.1.16 наречена арктурус е слична на варијантата кракен XBB.1.5, најзаразната досега.

Симптомите вклучуваат висока температура, кашлица, течење на носот и главоболка, класични симптоми на респираторна инфекција и конјунктивитис (воспаление на конјунктивата на окото), главно кај децата.

Симптомите од варијантата арктурус се инаку вообичаени симптоми на коронавирусот кои вклучуваат знаци на горно респираторно заболување како што се главоболка, болки во грлото и затнат нос, придружени со треска со болки во мускулите, објави болницата „Аполо“ на својата веб-страница.

Оваа варијанта, како и претходните, може да влијае на дигестивниот систем, што доведува до дијареја (пролив).

Експертите во Индија сметаат дека варијантата XBB.1.16, освен што е позаразна, носи и нов симптом кај децата – конјунктивитис.