Пациент од струмичко е хоспитализиран на Инфективната клиника поради компликации од вирусната западно-нилска треска, која ја пренесуваат комарци, објави „Сител“.
Тој е петтиот случај на заразен од оваа болест кој е регистриран во земјава. 62-годишниот човек бил упатен на клиниката од страна на неговиот матичен лекар. При прегледот, пациентот бил во лоша здравствена состојба и имал и невролошки симптоми. Нема податок дали патувал надвор од Македонија, вели директорот на Инфективна, д-р Фадил Цана.
– Сомневано е за централно засегање, невролошко. Добиен е резултат за вест најл позитивен резултат и од ликвор и од серум. Во моментот пациентот е подобар, има разбистрување на свеста, но нормално, се уште е во тек лекувањето, вели Д-р Фадил Цана, директор на Клиника за инфективни болести.
При приемот пациентот имал и висок крвен притисок и во консултација со кардиолози, состојбата била ставена под контрола.
Пред девет дена на Инфективна од компликации поврзани со вирусот почина 78-годишен жител на општината Чешиново-Облешево . Во април и јули Институтот за јавно здравје евидентирал двајца заразени со западно-нилска треска, кои биле увезени случаи, додека пациентот тестиран во август не патувал надвор од државата.
Според податоците од Европскиот центар за превенција и контрола на болестите, во 15 европски земји меѓу кои и Македонија годинава има потврда за 715 заразени по каснување од комарци а 51 пациент починал поради компликации од заразата.
Болеста не се пренесува од човек на човек, а инкубацијата е од 3 до 14 дена.