Десет пожари се активни во Македонија во моментот од кои осум се сериозни, на тежок терен и се провлекуваат со денови.
Попладнево избувна нов над Пехчево во кој изгоре и џип на локалната самоуправа, информира директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Стојанче Ангелов.
„Пожарот во Јасен не можеме да го ставиме под контрола, сè уште се движи низ ловиштето, додека вториот крак се движи во насока на селото Белица иако силно се обидуваме да го стопираме пред самото село“, вели Ангелов.
Првиот човек на ЦУК додава дека „во моментот сме многу слаби со воздухоплови и повторно ќе треба повторно да се потпреме на правење на противпожарни пресеки“.
Тежок пожар има и на територијата на Ресен, кој се спушта кон Стење, на тешко пристапен терен и постои опасност да влезе во шума.
Активен пожар има и во Општина Новаци којшто зафаќа голема површина на која гори ниска вегетација, а два тешки пожара има и на територијата на Кичево.