Војната во Украина трае 461 ден. И Киев вчера беше цел на руски воздушни напади, што беше 16-ти напад врз главниот град на Украина овој месец. Продолжи бранот воздушни напади со беспилотни летала врз украинското црноморско пристаниште Одеса и градот Хмелницки на западот на земјата.
Од друга страна, Русија го обвини Киев дека ја гранатира населбата Графовка во Белгородската област. Од ЕУ доаѓаат пораки дека Москва нема да биде подготвена да преговара додека се уште се обидува да ја добие војната во Украина.
Беспилотни летала погодија неколку згради во Москва предизвикувајќи „мали“ оштетувања, а нема сериозни повредени, изјави рано утринава градоначалникот на руската престолнина Сергеј Собјанин.
„Сите служби за итни случаи на градот се на местото на инцидентот“, рече Собјанин во соопштението.
Руската државна новинска агенција РИА објави дека некои жители на зграда на улица во Москва на југот на градот биле евакуирани. Неколку руски Телеграмски канали објавија дека четири до десет беспилотни летала рано утринава ја нападнале Москва, пренесува Ројтерс.
Андреј Воробјов, гувернер на Московската област, на својот канал Телеграм изјави дека неколку дронови биле соборени додека се движеле кон Москва.
Русија го изврши својот 17-ти воздушен напад врз Киев во раните утрински часови, при што според локалните власти загинало најмалку едно лице. Покрај тоа, три лица се повредени кога остатоци од уништено руско беспилотно летало удриле во повеќекатница и предизвикале пожар, соопштија властите на украинската престолнина.
Нападот на Киев беше трет во последните 24 часа и следеше по редок напад во текот на денот во понеделникот.
Воената управа на Киев објави дека двата горни ката од зградата се уништени и дека под урнатините можеби се уште има луѓе. Градоначалникот Виталиј Кличко изјави дека најмалку едно лице починало, едно е хоспитализирано, а двајца се повредени.
Кличко рече дека жената (27) била хоспитализирана со „умерени“ повреди предизвикани од паѓање остатоци во јужниот дел на Киев.
“Големо влијание! Останете внатре!” најави градоначалникот и додаде дека е оштетена и катна зграда во населбата Холосијевски.
Воената управа на градот соопшти дека ноќниот напад бил извршен со помош на дронови. Во подоцнежното соопштение, администрацијата рече: „Во последните 24 часа, непријателот веќе изврши три напади. Освен тоа, непријателот постојано го менува оружјето. По комбинираните ракетни и беспилотни напади, а потоа и балистичките проектили, агресорот сега исклучиво користени дронови“.
Сирените за воздушен напад се огласија во текот на ноќта во Киев и во централните региони Черкаси, Кироворад и Миколаев, како и во јужниот регион Херсон.
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и украинскиот претседател Володимир Зеленски вчера телефонски разговараа за ситуацијата во Украина и регионалните прашања.
„Претседателот на Украина, Володимир Зеленски го повика претседателот Таип Ердоган и му честиташе за реизборот за претседател“, се вели во соопштението од кабинетот на претседателот на Турција, пренесува РИА Новости.
Шефот на дипломатијата на ЕУ, Жозеп Борел, денеска изјави дека верува оти Русија нема да биде подготвена да преговара додека се уште се обидува да ја добие војната во Украина и дека не е оптимист за тоа што би можело да се случи летово.
„Гледам концентрација на војници на двете страни, јасна волја на Русија да се обиде да ја добие војната“, рече Борел на настанот во Барселона, според Ројтерс.
Тој додаде дека Русија постојано сигнализирала дека нема да ја прекине својата воена кампања додека не се постигнат нејзините воени цели.
„Се плашам дека војната ќе продолжи до летото. Путин собра таму над 300.000 луѓе, двојно повеќе отколку што имаше кога ја започна инвазијата“, рече Борел.