
Возовите запреа, училиштата затворени, рафинериите за нафта не работат и производството на струја беше намалено во вторникот во Франција, откако водечките синдикати одржаа шести национален штрајк против омразената пензиска реформа на претседателот Емануел Макрон.
Ова е шести пат од 19 јануари луѓето масовно да излезат на протести против предложената пензиска реформа, чија цел е поместување на старосната граница за пензионирање од 62 на 64 години и продолжување на времето за плаќање на придонесите потребни за добивање целосна пензија. Испораките и преработката на гориво денеска беа прекинати во неколку француски рафинерии и складишта со кои управуваат Тотал Енерџис и Есо.
Портпаролот на Тотал енерџис изјави дека 64 отсто од 296-те оператори на нејзините локации денеска штрајкуваат. Претставник на синдикатот CGT во оваа компанија изјави дека штрајкот во рафинеријата Гонфревил во Нормандија е предвидено да трае до четврток, а во рафинеријата Донгес во западна Франција до петок.
Анкетите покажуваат дека мнозинството гласачи се против реформата бидејќи ја сметаат за „неправедна“, особено кон вредните работници. Сепак, владата вели дека се неопходни промени за да се извади пензискиот систем на Франција од дефицит до 2030 година и е решена да го спроведе својот план.
„Разбирам дека многу луѓе не сакаат да работат уште две години, но неопходно е да се обезбеди одржливост на пензискиот систем“, изјави премиерката Елизабет Борн за ТВ Франс 5. Но, и синдикатите се цврсто вкоренети во своите позиции и немаат намера да се повлечат, туку да го зголемат притисокот врз претставниците во Националното собрание и да ги убедат да не гласаат за реформата.
Тие исто така предупредуваат дека штрајковите во рафинериите за нафта и железницата може да траат со денови. „Не се откажуваме. Денеска ќе изнесеме над два милиони луѓе на улица. Убеден сум во тоа. Ќе продолжиме додека не се повлече реформата“, изјави Ерик Селини од синдикатот ЦГТ.
Собири се планирани ширум земјата, откако повеќе од 1,27 милиони луѓе излегоа на улиците на 31 јануари, според полицијата.