Министерството за внатрешни работи потврди дека попладнево се случил инцидент со пукање во парк во скопската населба Чаир. Пријавата до полицијата дошла од болницата „Св. Наум Охридски“, каде бил примен човек ранет во пукањето.
„Денеска (02.12.2024) од ГОБ „Св.Наум Охридски“ во СВР Скопје е пријавено дека кај нив со повреда од огнено оружје бил донесен Џ.Х. од Скопје, кој според пријавеното, бил повреден во паркот на ул. „Кемал Сејфула“ во Скопје. Се преземаат мерки за расчистување на случајот“, велат официјално од МВР.
Претходно, ТВ21 објави дека во инцидентот се ранети повеќе лица, но за тоа сè уште нема официјална потврда.
Во изминатите неколку недели имаше повеќе инциденти со пукање во Чаир, во кои беа ранети неколку луѓе.