Новороденче од Прилеп кое се родило пред десет дена почина од сепса на Детската клиника во Скопје

Бебе кое се родило пред само десет дена во Прилеп починало од сепса на Детската клиника во Скопје.

Мајката на починатото новороденче вели дека се породила со здраво машко дете на 27 октомври, а дека два дена по пораѓањето, лекарите во прилепската болница и кажале дека новороденчето треба да се зрачи поради жолтица.

Овој процес траел цела ноќ, а детето потоа било препратено на лекување на Детската клиника во Скопје со оправдување дека таму имаат подобра опрема за лекување на жолтица.

„Што се случуваше таа вечер ќе остане секогаш мистерија. Што правеле сестрите кои биле оставени без доктор во цел оддел. Во 5:30 наутро дошла докторката која кога видела што се случува со бебето почнала да им вика, што направиле со него. Му направила уште една кривна слика која сега ми кажува дека “БЕШЕ СУПЕР“ и дека немало никакви знаци на инфекција“ – пишува мајката

Од Детската клиника за Сител велат дека новороденчето било донесено во тешка состојба, на кислородна поддршка, а кратко потоа состојбата се влошила и детето продолжило да дише со помош на респиратор. Во меѓувреме откажале бубрезите на новороденчето, па седум дена од приемот на скопската клиника, тоа починало. Сите анализи, велат од клиниката, укажувале на рана сепса која била добиена во текот на пораѓањето. Мајката на сега починатото дете ја обвинува прилепската болница, негрижата и лошата хигиена во родилиштето.

Од прилепската болница го потврдија развојот на настаните како што го опишала и мајката, но додадоа дека жената претходно имала вагинална инфекција.

„Поради анамнестички податок за инфекција со Mycoplasma кај мајката и вагинална инфекција, земена е крвна слика и истата е со уреден наод“ – велат од прилепската болница.