Нови 50 жртви на Ковид 19 во Северна Кореја

Армијата во Северна Кореја се мобилизира за дистрибуција на лекови за  пациенти заразени со Ковид 19, објавуваат државните медиуми.

Оваа изолирана азиска земја минатата недела го призна избувнувањето на епидемијата за првпат, предизвикувајќи загриженост за голема криза поради недостаток на вакцини и соодветна медицинска инфраструктура.

Државниот кризен центар пријави уште 269.510 луѓе со симптоми на вирусот, додека вкупниот број на смртни случаи се зголеми од 6 на 56 , соопшти КЦНА.

Околу 11.000 здравствени работници, професори и студенти по медицина се приклучија на „интензивниот медицински преглед на сите жители“ ширум земјата за да се лоцираат и лекуваат луѓето кои се разболеле.

Светската здравствена организација (СЗО) предупреди дека вирусот може брзо да се шири во Северна Кореја, која нема програма за вакцинација и ја одби меѓународната помош.