Неколку лица завршија во болница во Хрватска поради сомневање за труење со газирани пијалаци. Засега е потврдено дека само два случаи се поврзани со консумирање газирани пијалаци, еден во Загреб и еден во Риека.
Според пишувањата во хрватските медиуми денеска има шест нови сомнителни случаи, но никој не е хоспитализиран.
Хрватскиот институт за јавно здравје (ХЗЈЗ) добил мостри од безалкохолни пијалаци кои биле доставени од Санитарната инспекција по извршениот увид во кафуле во Риека каде неодамна му се слошило на едно лице, а резултатите од анализата ќе бидат доставени до Државниот инспекторат.
„Станува збор за два композитни примероци составени од 16 шишиња, вкупно осум литри течност“ – потврди директорот на ХЗЈЗ, Крунослав Чапак.
Според него веројатно се работи за некои корозивни средства, а најважно е да се види дали има туѓи елементи во тој пијалак, бидејќи, како што вели, самиот пијалак и целата содржина внатре не можат да предизвикаат такви повреди.
Според докторите од Клиничкиот центар во Загреб вчера биле прегледани шест пациенти со можни последици од конзумирање газирани пијалоци, а некои од нив имаат повреди на хранопроводот.
Министерот за здравство Вили Берош, утринава за Н1, изјави дека денеска има „малку повеќе пациенти“.
„Има уште неколку, сите се полесно повредени, кај многумина прашање е дали се работи за хемиска повреда или психогена реакција или некоја друга патолошка состојба. Во моментов ситуацијата е под контрола. Мораме да бидеме внимателни, но нема потреба од паника“ – рече тој.
Министерот рече дека еден пациент имал психогена реакција и дека сите нови случаи се евидентирани во Загреб.
„Веројатно се работи за некои корозивни средства, а најважно е да се види дали има туѓи елементи во тој пијалак, бидејќи самиот пијалак и целата содржина внатре не можат да предизвикаат такви повреди“ – потенцира Чапак.