
Нови пет случаи за сомнителни кардиолошки интервенции
Нови пет случаи за сомнителни кардиолошки интервенции добила домашната комисија што ја формира Министерството за здравство за испитување на наводите на кардиохирургот Сашко Кедев дека во приватни здравствени установи се правеле операции на срце без основани медицински причини.
Нови пет случаи за сомнителни кардиолошки интервенции добила домашната комисија што ја формира Министерството за здравство за испитување на наводите на кардиохирургот Сашко Кедев дека во приватни здравствени установи се правеле операции на срце без основани медицински причини.
Директорот на Универзитетската клиника за државна кардиохирургија, Дејан Димитриевски, за време на денешната посета на премиерот Христијан Мицкоски и министерот за здравство Азир Алиу на установата, одговарајќи на новинарски прашања соопшти какви случаи се испитувале во претходните осум предмети што беа доставени до здравствените власти.
Анализите на овие случаи се завршени од страна на домашните комисии, а за резултатите јавноста ќе биде информирана кога за нив ќе се произнесе и комисијата од странски експерти што треба да пристигне во земјава.
-Тоа се случаи на пациенти кај кои е направена коронарографија, значи дијагностичка процедура пред изведување на оперативен зафат и контролна коронарографија после изведувањето на операцијата каде што се гледаат некои неправилности – рече Дејан Димитровски.
Странската комисија ќе треба да даде конечно мислење за сомнежите дека во приватните болници се правеле операции на срце без медицински оправдана причина, а со цел да се „испумпаат“ пари од Фондот за здравствено осигурување.
Инаку, станува збор за експерти од Словенија, Италија и Австрија, кои ќе почнат со работа по локалните избори.
-Нашата комисија вчера имаше состанок, заврши со осумте случаи. Имаме уште пет други, ќе продолжи во вторник. Надворешната комисија ќе дојде тогаш кога и ние ќе бидеме спремни за да може да продолжиме со нив. Не се правно договорени заради законските пречки. Потпишувањето на договорите со нив ќе биде после изборите – рече министерот Алиу.