Нови земји кои се приклучуваат кон ЕУ – меѓу структурна бавност и геополитичко забрзување

Турција чека речиси 40 години за да влезе во Европската Унија, додека Украина, од друга страна, доби статус на кандидат за неколку месеци по почетокот на руската инвазија. Зад ваквиот контраст, европското проширување осцилира меѓу политичките барања, институционалната блокада и стратешките императиви, оцени белгискиот јавен сервис РТБФ.

Турција чека речиси 40 години за да влезе во Европската Унија, додека Украина, од друга страна, доби статус на кандидат за неколку месеци по почетокот на руската инвазија. Зад ваквиот контраст, европското проширување осцилира меѓу политичките барања, институционалната блокада и стратешките императиви, оцени белгискиот јавен сервис РТБФ.

Дали Турција, Украина или Молдавија некогаш ќе се приклучат на ЕУ? За Турција, тоа прашање е на ум кај сите веќе 39 години. Земјата поднесе барање во 1987 година. Ниту една друга земја кандидат нема чекано толку долго, а очигледно тој процес на пристапување сè уште не е завршен.

Европскиот парламент на 17 јуни усвои нов извештај за Турција. Текстот уште еднаш ги поставува условите – преговорите за пристапување со Анкара не можат да продолжат без напредок во владеењето на правото, основните права и демократијата. Овие преговори се во застој од 2018 година.

Професорот по политички науки на универзитетот Слободна Европа во Брисел, Жан-Мишел де Вел оцени за РТБФ дека ЕУ одамна требало да го „свари пристапувањето на земјите од Централна и Источна Европа“.

Проширувањето од 2004 година, со кое Унијата се зголеми од 15 на 25 земји членки, беше дел од стратегијата за повторно обединување на континентот по Студената војна. Но, оттогаш темпото значително се забави.

Денес, барањата на Украина и Молдавија повторно го ставија ова прашање во срцето на европската агенда, во контекст кој е далеку повеќе стратешки отколку строго институционален. Тие покажуваат дека проширувањето останува процес воден од критериуми, но процес кој е под длабоко влијание на политичката и геополитичката динамика на моќта.

Зошто овој процес, често претставуван како технички и заснован на заслуги, толку многу зависи од политичкиот контекст, прашува РТБФ.

Денес земјите кандидати за ЕУ се наоѓаат на Западен Балкан, во Источна Европа и на Кавказот: Албанија, Босна и Херцеговина, Грузија, Молдавија, Црна Гора, Северна Македонија, Србија, Турција и Украина. Косово е исто така потенцијален кандидат, иако не е признаено од сите држави членки на ЕУ.

Оваа географија зборува многу за моменталните влогови. Многу земји кои тропаат на вратата на Унијата се наоѓаат во подрачја каде што се вкрстуваат европските, руските, турските и кинеските влијанија.

Де Вел смета дека тоа е потсетник дека проширувањето секогаш било повеќе од обичен механизам за економска интеграција – тоа служи и за стабилизација на европското соседство.

„Сфативме дека овие граници можат да бидат загрозени, дека присуството на (рускиот претседател Владимир) Путин или на Кина на овие граници можеби не е најдобриот начин да се гарантира безбедност и сигурна економија“, рече тој.

Проширувањето, според неговата оценка, затоа се појавува како прашање на стабилност, но и како „прашање на идентитетот и иднината на ЕУ“.

Меѓутоа, самите геополитички размислувања не се доволни за да ги отворат вратите на Унијата. За да се приклучи, една земја прво мора да исполни низа критериуми и да ја следи процедурата наведена во членот 49 од Договорот за Европската Унија.

Земјата кандидат треба да биде европска држава, во најширока смисла, што значи не само географски, туку и преку своите историски и политички врски со Европа, да ги почитува вредностите на Унијата и да се обврзе да ги промовира.

Од своето основање, ЕУ се прошируваше чекор по чекор, а секое проширување следеше поинаква логика. Меѓутоа, проширувањето не само што го унапреди европскиот проект, туку и го закомплицира донесувањето одлуки и, со својата бавност, поттикна дел од моменталните фрустрации.

Првите проширувања доведоа до прием на земјите од западна и северна Европа – Данска, Ирска и Велика Британија во 1973 година. Грција се приклучи во 1981 година, а потоа Шпанија и Португалија во 1986 година. Овие пристапувања ја следеа демократската консолидација на земјите кои излегуваа од диктатури или авторитарни режими.

Де Вел истакна дека оваа политичка димензија секогаш имала предност пред чисто економската подготовка.

„Кога Грција беше примена во Европската Унија, тоа беше и со цел да се стабилизира“, рече тој и додаде дека имало земји кои не биле сосема подготвени да се приклучат, но влегле, дури и пред земјите од Источниот блок, поради геополитички причини.

Најзначајното проширување се случи во 2004 година, со пристапувањето на десет земји, вклучувајќи ги Полска, Унгарија, Чешка, Словачка, Словенија и балтичките држави. Бугарија и Романија следуваа во 2007 година, а потоа Хрватска во 2013 година. Оттогаш, ниту една нова земја не се приклучила на ЕУ, додава РТБФ. (Бета)