
Поради закана за поставена бомба и утрово наставата е прекината во девет скопски средни училишта. Учениците се евакуирани, а на терен е единицата за антитероризам на МВР.
„Околу 9.45 часот во СВР Скопје било пријавено дека на електронска адреса на девет средни училишта во Скопје е упатена закана за поставена експлозивна нaправа. Веднаш по добиената пријава, од полициски службеници се преземени мерки за безбедно евакуирање на училиштата и во тек се антитерористички проверки и се преземаат мерки за расчистување на случаите.
Исто така, денеска, околу 10.10 часот и од НБРМ било пријавено дека на електронска адреса била упатена закана за поставена експлозивна направа. Веднаш се преземени неопходните мерки за безбедно евакуирање и во тек се антитерористички проверки и се преземаат мерки за расчистување на случајот“, се вели во информацијата од МВР.
Сите досегашни дојави за бомби МВР по деталните проверки на школите утврди дека се лажни.
Завчера за лажни дојави за бомби полицијата уапси малолетник од Скопје кој ќе одговара за тероризам оти инспириран од претходните дојави за бомби, испратил електронска пошта до четири средни училишта со закана за бомба.