Четири училишта во Скопје утринава повторно добиле закана за поставени бомби во нивните објекти.
Од МВР велат дека станува збор за училиштата „Јосип Броз Тито“, „Раде Јовчевски Корчагин“, „Никола Карев“ и „Орце Николов“.
„Денеска во СВР Скопје околу 9:30 часот е пријавено дека на електронската адреса на четири училишта во Скопје е упатена закана за поставена бомба. Веднаш по добиената пријава, од полициски службеници се преземени мерки за безбедно евакуирање и во тек се антитерористички проверки и се преземаат мерки за расчистување на случајот“ – информиераат од Министерството за внатрешни работи.
За среќа, сите дојави се лажни.
„Веднаш по добиените пријави, од полициски службеници се преземени мерки за безбедно евакуирање на училиштата, а потоа се извршени и детални проверки од тимови за антитерористички проверки и утврдено е дека станува збор за лажни пријави“, информираа од МВР.
Дел од скопските училишта и денес пријавиле закани за бомби.
Ова е трета недела со закани за бомби во скопските средни училишта. Сите досегашни закани полицијата утврди дека се лажни.
Министерот за внатрешно работи Оливер Спасовски и премиерот Димитар Ковачевски во неколку наврати изјавија дека заканите за бомби во скопските училишта се дел од хибридни напади кои имаат цел да внесат вознемиреност во државата, а мета се учениците како категорија за која општеството е најчувствително.