Новиот состав на Антикорупциска избран со многу контроверзии: Дали станува збор за оркестрирано гласање?

Собранието ја објави ранг листата и предлозите за новите луѓе кои во следните пет години ќе се борат против корупцијата. Ревизорката Татјана Димитроска која е највисоко рангирана е предложена да ја предводи Комисијата. Таа досега вршела ревизии на политичките партии, Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, како и на Државната изборна комисија.

За членови се предложени ревизорите Цвета Ристовска и Зоран Богоевски, вработените во Антикорупциската комисија Билјана Каракашова-Шулев и Бесник Џемаиљи, судијката Софија Спасова-Медарска и Сервет Демири од ревизијата на претпристапната помош за ЕУ. Судијката Софија Спасова Медарска е сопруга на Филип Медарски, адвокатот на Зоран Заев кој го бранеше поранешниот премиер во случајот „Поткуп“. Џемаили на интервјуто одби да го коментира нападот на првиот вицепремиер Артан Груби врз актуелниот состав на антикорупционери.

– Изненадува како останатите претставници на Комисијата за селекција изнајдоа компромис токму и само за овие кандидати и покрај слабите интервјуа, одбивањето на кандидатите да одговорат на директни прашања за општествени состојби како процесот на заробеност на државата, високо профилни случаи кои се веќе предмет на работа на сегашната ДКСК, а се дел и од констатирани состојби од Извештајот на Европската Комисија за 2023 год, прашања поврзани со политичка и правосудна поврзаност, тргување со влијание, лобирање и сл. – изјави Снежана Камиловска- Трповска член на Комисија за селекција на кандидатите за избор на претседател и членови на ДКСК

Со реакција излезе и замник-народниот правобранител, Јован Андоновски, исто така член на комисијата, кој пак вели дека имало обиди за влијание и од партии, но и од НВО. Тој тврди дека во бодувањето се водел од искуството, придонесот на кандидатите како и тоа да не се партиски експоненти.

– Изборот се врши преку збир на поени, при што секој член едновремено ги внесува бодовите, со што не постои простор за манипулација со поените. Дополнително, би сакал да посочам дека имаше обиди за влијание од страна на одредени политички партии и НВО-а во однос на моето гласање, на кое ниту сега, ниту било кога би подлегнал. – вели Јован Андоновски заменик Народен правобранител.

Дел од пратениците кои беа дел од Комисијата за селекција пак, велат дека секој член го искористил своето право на бодување и процеост на селекција се одвивал како што предвидува законот. Актуелната претседателка во заминување, Билјана Ивановска вчера за изборот на нови членови рече дека не и се допаѓа тоа што политички експонирани личности се пријавиле на интервјуата.

Мандатот на сегашниот состав на Антикорупциската комисија истекува на седми февруари догодина. Нивниот придонес во борбата во корупцијата беше нотиран и во извештаите на Европската комисија, додека дома беа мета на чести политички напади.