Густаво Петро денеска ќе стане првиот левичарски претседател на Колумбија, избран од гласачите со надеж дека ќе спроведе амбициозни социјални и економски реформи за намалување на насилството и длабоката нееднаквост во поларизираната нација на Андите.
На главниот плоштад во Богота, попладнево треба да биде инаугуриран Петро, поранешен член на герилците М-19.
Тој ќе даде заклетва на претседателот на Сенатот, Рој Барерас пред околу 100.000 луѓе, вклучувајќи го и шпанскиот крал Фелипе Шести, најмалку девет латиноамерикански претседатели.
Новата потпретседателка Франсија Маркез, еколошка активистка и поранешна домаќинка, ќе биде првата афро-колумбијка на оваа функција.
Петро, 62-годишен поранешен сенатор, рече дека негов приоритет ќе биде борбата против гладта во земја со 50 милиони жители, каде што речиси половина од населението живее во некаков облик на сиромаштија.„И јас сум нервозен поради тоа што ќе станам претседател“, рече Петро неодамна на студентите на Универзитетот Екстернадо во Богота, кога беше прашан за предизвиците со кои се соочува.
Петро вети бесплатно образование на државните универзитети и промени во здравството. Тој собра широка конгресна коалиција на левичарски и центристички партии за да биде прифатена неговата платформа.
Ветувањата за пензиски реформи и запирање на новите нафтени проекти ги вознемирија инвеститорите и покрај назначувањето на Хозе Антонио Окампо, долгогодишен функционер, за министер за финансии.
Новиот претседател, поранешен градоначалник на Богота, исто така вети дека ќе ги оживее закочените мировни преговори со бунтовниците од Националната ослободителна армија (ЕЛН) и ќе го примени мировниот договор од 2016 година за поранешните герилци на ФАРК кои го отфрлаат.