Новиот министер за здравство ги одреди приоритетите

„Ќе почнам со решавање на сообраќајниот хаос на скопскиот Клинички центар „Мајка Тереза“, рече на првиот брифинг со медиумите, новиот министер за здравство Фатмир Меџити.

Тој е доктор невролог и рече дека е запознаен со сите проблеми и на медицинските работници, но и на пациентите, бидејќи како што рече, и сам себе, и членовите на своето семејство ги гледа како пациенти кои имаат потреба од здравствени услуги.

Меџити кажа дека откако е на функцијата од минатата недела, секојдневно е на состаноци со директори, советници, експерти од сите области, како и со министри и побара за трпение од јавност пред да почне да излегува со официјални измени, именувања и информации.

Министерот најави дека по 10 години, ќе се промени позитивната листа на лекови, и дека ќе се формира Тријажен ургентен центар на Клиниката, кој би бил во околината на Интерните клиники.

Клиниките за неврологија, дерматовенерологија, ендокринологија и очни болести ќе добијат нови директори, соопшти денеска министерот за здравство Фатмир Меџити на брифинг со новинарите. Нови организациски директори пак ќе добијат клиниките за онколошки болести и гинекологија и акушерство.