
Предлог-законот за заштита од пушење на 24 март ќе биде на седница на Владата и потоа ќе биде процесуиран понатаму во Собранието. Сметам дека за не повеќе од месец, максимум месец и пол, законот ќе биде процесуиран, рече денеска министерот за здравство Азир Алиу.
Иако првично беше најавено дека ќе почне да важи од 1 март, примената беше одложена поради забелешки од угостителите и тутунската индустрија.
Алиу рече дека во меѓувреме биле одржани повеќе состаноци со засегнатите страни, при што сите прашања биле разгледани од научен, економски, инфраструктурен и здравствен аспект.
Во однос на забелешките на угостителите, особено за условите за терасите, министерот објасни дека решенијата се темелат на препораки и анализи за квалитетот на воздухот, но и на реалните урбани услови. Заклучено е дека со две отворени страни терасите можат да се третираат како простори каде што е дозволено пушење, имајќи предвид дека така се овозможува циркулација и прочистување на воздухот.
Истовремено, во законот е предвидена можност и покривот да се смета како отворена страна, врз основа на анализи дека тоа придонесува за побрзо расчистување на воздухот.