Новинарката на неделникот „Фокус“ Ирена Мулачка, и новинарката од „Слободен Печат“, Мирослава Симоновска се добитници на наградата на Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) за истражувачко новинарство „Јашар Еребала“ за сториите поврзани со „скандалот на Онкологија“.
Наградата за најдобро новинарско известување за теми од локално и регионално значење ја доби новинарката Анета Блажевска од независен, додека пак наградата за животно дело „Крсте Петков Мисирков“ ја доби Соња Николовска од Телма.
Посебни признанија за истражувачко новинарство им беа доделени на Истражувачка репортерска лабораторија (ИРЛ), како и на новинарите Петар Клинчарски, Фисник Џелили и Горан Антевски.
Претседателот на ЗНМ, Младен Чадиковски во своето обраќање кажа дека го радува тоа што се повеќе се става акцент на истражувачките стории, бидејќи на тој начин вистината излегува на површина.
„Изминатава година имавме навистина вредни приказни кои беа објавени и кои оставија печат во јавноста. Дел од нив се меѓу наградените. Да не заборавиме дека токму овие теми се двигатели на општествените промени“ – кажа Чадиковски.
Претседателка на Комисијата за доделување на наградата за најдобра истражувачка сторија беше Жана Божиновска, а членови беа и Ристо Тасев и Ведат Мемедалија.