Руските власти уапсија новинар од Радио Слободна Европа (РСЕ) финансиран од САД под обвинение дека не се регистрирал како „странски агент“.
Алсу Курмашева, која има и руско и американско државјанство, е втората американска новинарка која е приведена во Русија годинава, пренесува Ројтерс.
Еван Гершкович, дописник на Wall Street Journal, беше уапсен во март под обвинение за шпионажа, што тој го негира.
Руската новинска агенција Татар-Информ објави дека Курмашева не била регистрирана како „странски агент“ додека собирала информации за воените активности на Русија. Таа може да се соочи со затворска казна до пет години, според РСЕ, која побара нејзино ослободување.
Курмашева живеела во Прага до мај, кога отпатувала во Русија поради „вонредна состојба на семејството“, пренесува РСЕ.
Нејзините два пасоши беа одземени на 2 јуни кога се обиде да се врати во Прага и беше казнета затоа што не ги известила руските власти за нејзиното американско државјанство.
Курмашева чекала да и бидат вратени документите кога била приведена на 18 октомври по ново обвинение, соопшти РСЕ.
Според рускиот закон, поединци и организации кои добиваат средства од странство може да се прогласат за странски агенти, што потенцијално ќе го наруши нивниот кредибилитет кај руската јавност.