Руската новинарка – Марина Овсјаникова која на државна телевизија „Канал 1“ во текот на емитување на вестите се појави со транспарент со кој ја осуди војната во Украина и ги повика граѓаните да не ѝ веруваат на пропагандата која ја емитува Кремљ, денеска беше казнета со парична казна од 30.000 рубљи, односно 250 евра.
Таа е обвинета затоа што ги повикала граѓаните на протести против војната во Украина.
Заблагодарувајќи им се на луѓето кои ја поддржаа, новинарката изјави дека била испрашувана од полицијата повеќе од 14 часа.
Таа рече дека иако побарала правна помош, не ѝ било овозможено да контактира со адвокат неколку часа.
Овсјаникова тврди дека одлуката за анти-воениот протест ја донела самата, без ничија друга помош.
Нејзиниот транспарент „Не на војна, запрете ја војната, не верувајте на пропагандата, ве лажат тука“, со кој застана зад водителката на вечерните вести, беше видлив неколку секунди, пред програмата да биде прекината.
Овсјаникова била приведена по протестот.
Овсјаникова претходно оставила снимена видеопорака, во која ги повика Русите да протестираат против војната и вели дека се срами што учествувала во ширењето на пропагандата на Кремљ.