Новинарката Анета Блажевска е осудена бидејќи пишуваше за злоупотреби во Средношколскиот дом во Битола

Новинарката Анета Блажевска од Битола е осудена за клевета од Основниот суд во Битола поради тоа што укажа на злоупотреби во Средношколскиот дом во Битола, објави „Независен.мк“.

Новинарката Анета Блажевска од Битола е осудена за клевета од Основниот суд во Битола поради тоа што укажа на злоупотреби во Средношколскиот дом во Битола, објави „Независен.мк“.

Објавените текстови на Блажевска предизвикаа итна реакција на Основното јавно обвинителство од Битола кое покрена истрага, а по четири месеци истрага СВР Битола поднесе кривични пријави за директорката на ученичкиот дом ДУД „Мирка Гинова“, Елена Спасеновска.

Спасеновска беше кадар на СДСМ, но пред изборите во мај годинава битолските социјалдемократи ја исклучија од раководството на партијата.

Блажевска е сопственик на битолскиот портал „Апла.мк“ и дописник на порталот „Независен.мк“.

„Пораката е јасна до новинарите, не откривајте криминали, не занимавајте се со истражувачко новинарство, оти ќе настрадате. Криминогените државни функционери се помоќни од вистината!“, вели Блажевска.

Судијата од Основниот суд во Битола, Кирил Јовановски, по поднесената тужба за клевета од директорката Елена Спасеновска кон новинарката Анета Блажевска утврди дека тужената е одговорна за клевета, бидејќи како автор на текстот објавен на 2 февруари годинава под наслов „Директорка на државна институција и пензионер од Битола наводно оделе со службен автомобил во Албанија и Србија“ изнела невистини дека „автомобилот е искористен во неколку наврати, а за наводните „службени патувања“ низ државите раководството во најголем дел немало ни повод ни покритие“.

Судот ја задолжи Блажевска да ѝ плати на директорката надомест „поради претрпени душевни болки поради повреда на угледот и честа износ од 60.000 денари и плус парични трошоци на тужителката од 52.288 денари или вкупно близу 1.900 евра.

„Шокирана сум од пресудата на Основниот суд во Битола, јас како новинар имам задача да го заштитам јавниот интерес преку истражувачко новинарство, да посочам на незаконско работење и да оставам на органите на прогонот да ги истражат наводите за криминал на еден државен функционер кој раководи со државни пари, пари на граѓаните и злоупотребува државни ресурси за приватни цели. Но за жал, тоа не било доволно за судот. Судијата со судиското расудување не го зеде во предвид јавниот интерес што го штитат новинарите во своето известување, дотолку повеќе што во овој случај тужителот е директор на државна институција“, вели Блажевска.

Таа вели дека судот во Битола „замижал“ на доказите и потврдата од Бирото за јавна безбедност при МВР кои за судењето доставиле потврда дека во неколку наврати службеното возило на Средношколскиот дом го возел пензионер, што е спротивно на закон. Судот не го зема од важност ни документот од ОЈО дека за овој случај за кој пишуваше новинарката е покрената истрага и поднесени се кривични пријави за директорката за „злоупотреба на службена положба и овластување“, „несовесно работење во службата“, „фалсификување исправа“ и „употреба на исправа со невистинита содржина“, сите од Кривичниот законик.

Судијата сметал дека „не е од значење за поинакво одлучување“ што невработен во Домот го вози службениот автомобил во странски држави.

„Пријавената во својство на одговорно лице, директор на Државен ученички дом во Битола ја злоупотребила својата службена положба и овластување и вршела несовесно работење во службата при што во повеќе наврати заедно со поранешниот секретар на домот ја напуштале државата со приватно возило, реализирала повеќе службени патувања во странство со службеното возило заедно со лица кои не биле вработени во Домот, без одлуки од Управен одбор за нивно одобрување“, соопштија од МВР во јули годинава.

За Блажевска неприфатливи се оправдувањата на судот и за улогата на претседателот на Управниот одбор на Средношколскиот дом кој во судењето бил предложен како сведок.

„Претседателот на УО како сведок кажа пред судот дека бланко ги потпишувал налозите за службените патувања на директорката. И, за ова судот во пресудата наведува дека ‘патните налози сведокот бланко ги потпишувал бидејќи УО не се состанувал пред секое службено патувања на тужителката’. Судот наоѓа оправдување и вели дека ја ‘имаше предвид и несигурноста на сведокот дали тој лично се потпишувал на записниците, одлуките и патните налози за службените патувања’. По ова образложение на судот сметам како оштетена дека оваа пресуда е не е само против мене како новинар туку против сите новинари и против здравиот разум“, наведува Блажевска.

Новинарката Блажевска доби поддршка од Здружението на новинари на Македонија, а во соопштението се наведува дека „Правната несигурност ги става локалните новинари во ризик“.

„Изразуваме загриженост поради првостепената пресуда, во која проблематично е што од страна на Основниот Суд во Битола не се доволно земени предвид дејствијата преземени од СВР Битола и ОЈО Битола кон тужителката за наводите во новинарскиот текст. Оваа постапка отвора сериозни прашања за пристапот и стандардите што се применуваат во судските процеси поврзани со новинари. Потенцираме дека ваквите правни постапки и односот кон локалните медиуми и новинари дополнително ќе ја поткопаат и така кревката слобода на новинарите и медиумите од локалната заедница во земјава. Потребно е да се осигура средина во која новинарите ќе можат слободно да ја извршуваат својата професија, без страв од правни последици, особено кога известуваат за прашања од јавен интерес. Остануваме посветени и даваме целосна поддршка за колешката Блажевска“, стои во соопштението испратено од ЗНМ до јавноста.

Блажевска за првостепената пресуда ќе се жали до Апелацискиот суд во Битола и ќе ги информира Делегацијата на Европската унија во нашата држава Амбасадата на САД и други странски амбасади.

Се очекува одлука на ОЈО Битола дали ќе покрене обвинение против директорката Спасеновска по истрагата за нејзиното раководење со домот и особено трошењето на државните пари наведени во кривичните пријави.

Извор: Независен.мк