Оваа недела, на 10. или 11. февруари, двете министерства за надворешни работи, на С. Македонија и на Бугарија, во Софија ќе ги продолжат разговорите на експертско ниво за политичкиот пакет прашања во обид за надминување на разликите меѓу двете земји.
Состаноците на работните групи ќе продолжат со најавеното темпо – четири пати во месецот ќе се среќаваат делегации на двете земји за да разговараат за прашања од инфраструктурата, образованието, културата, евроинтеграциите, историјата…
Шефот на македонската дипломатија Бујар Османи рече дека преговорите продолжуваат преку комисиите, при што на 10-ти ќе се одржи состанок на Работната група за инфраструктура, на 14-ти Работната група за евроинтеграции, потоа на 21-ви Работната група за образование и на 28 февруари, состанок на Заедничката комисија за историски прашања.
Османи оцени дека процесот на работа на комисијата е поврзан и со вкупниот политички амбиент меѓу државите, и оти очекувањата се дека со враќање на довербата меѓу двете држави ќе се охрабрат и тие да влезат во тој процес и според научни методологии да дојдат до заеднички наративи.