Нова жртва од медиумските работници во Украина

Украинската новинарка ангажирана од „Фокс њуз“ – Олександра Кувшинова загинала во истиот инцидент во кој животот го загуби и снимателот на телевизијата – Пјер Закржевски, објави американската телевизиска мрежа.

Олександра Саша Кувшинова (24), која работела како независен консултант за „Фокс њуз“, загинала откако нивното возило било погодено во вкрстен оган, објави денеска американската ТВ мрежа на својата веб-страница.

„Таа беше неверојатно талентирана и помина неколку недели работејќи директно со целиот наш тим таму за да му покаже на светот што се случува во нејзината татковина“ – објави „Фокс њуз“.

Во соопштението се наведува дека Закржевски бил во тимот со новинарот Бенџамин Хол во моментот на инцидентот кога биле нападнати во близина на украинската престолнина Киев. Новинарот е повреден и ќе остане во болница, се додава во соопштението.