Новата Влада на Србија на чело со Ана Брнабиќ, доколку ја добие поддршката од Народното собрание, ќе има 28 членови. Покрај премерката, нејзе ќе сочинуваат 27 министри, од кои двајца без ресор. Собраниската седница на која мандатарката ќе го изнесе своето експозе ќе биде утре, а во среда 17-от српски кабинет би требало да положи заклетва.
Столбот на Владата ќе биде од редовите СНС, коалицијата СПС-ЈС ќе има пет кандидати за министри и по еден кандидат од ПУПС на Милан Кркобабиќ, СДПС на Расим Љајиќ и Демократскиот сојуз на Хрватите на Томислав Жигманов во Војводина, со што во владата за прв пат ќе се најде и преставник на хрватското малцинство во Србија.
Седум министри од составот во заминување ќе ги задржат своите ресори: Синиша Мали (финансии), Бранко Ружиќ (образование), Маја Гојковиќ (култура), Маја Поповиќ (правда) и Ирена Вујовиќ (екологија).
Новица Тончев (без ресор за регионален развој) и Милан Кркобабиќ (за грижа за селата).
Од оние кои ќе ги сменат министерствата се Томислав Момировиќ кој од транспорт и инфраструктура преминува во Министерството за надворешна и внатрешна трговија, а на негово место доаѓа Горан Весиќ од Град Белград, потоа Дарија Кисиќ која го отстапува одделот за труд и социјална политика на Никола Селаковиќ, а таа оди во Министерството за демографија и семејна грижа.
За првпат членови на Владата треба да станат: Јелена Беговиќ, молекуларен биолог, на функцијата министер за наука и технолошки развој, градоначалникот на Нови Сад Милош Вучевиќ (вицепремеир и одбрана), неурохирургот и директор на Институтот за радиологија и онкологија Даница Грујичиќ (здравство), Томислав Жигманов (малцинства и социјален дијалог), Тања Мишчевиќ која ги предводеше преговорите со ЕУ (европска интеграција), познатиот одбојкар Зоран Гајиќ (спорт), Јелена Танасковиќ (земјоделство), Хусеин Мемиќ кој е заменик на партијарта на Расим Љаиќ (туризам и млади), Томислав Жигманов (малцински права и социјален дијалог), Дубравка Ѓедовиќ Негре од Извршниот одбор на НЛБ Комерцијална банка (енергетика и рударството), и долгогодишниот пратеник на СНС Александар Мартиновиќ (државна управа и локална самоуправа).
Потврдено е и дека шефот на дипломатијата и вицепремиер и координатор на безбедносно-разузнавачките агенции ќе биде лидерот на СПС Ивица Дачиќ, а министер без ресор ќе биде неговиот партиски колега Ѓорѓе Милиќевиќ.
Лидерот на СНС и претсдател на Србија, Александар Вучиќ при читањето на предлозите на имињата од СНС во новата влада кажа дека во неа нема да бидат актуелните министри Небојша Стефановиќ (полиција), Бранислав Недимовиќ (земјоделство), Јадранка Јоксимовиќ (евроинтеграции) и Златибор Лончар (здравство), но дека „ќе продолжат да работат напорно за партијата”.
Мандатарката Ана Брнабиќ на прашањето на српските медиуми дали се работи за антизападна влада бидејќи, ја нема Зорана Михајловиќ, и дека Александар Вулин наводно ќе раководи со БИА изјави:
„Видов и критики дека ова е проевропска влада, како и дека се откажуваме од евроинтеграциите и се доближуваме до Русија. Но ова покажува дека сме на српскиот пат“ – кажа Брнабиќ.