Откритијата во областа на изумрените хоминински геноми и во човечката еволуција му ја донесоа на шведскиот генетичар Сванте Пабо Нобеловата наградата за медицина и физиологија за 2022 година.
– Со пионерското истражување Пабо постигна нешто навидум невозможно: секвенционирање на геномот на неандерталецот. Тој го направи и сензационалното откритие на непознатиот Денисов прачовек. Пабо, исто така откри дека се случил трансфер на гени од овие сега изумрени пралуѓе до хомо сапиенс по миграцијата од Африка пред околу 70.000 години. Влијанието врз гените на денешниот човек има физиолошка важност и може да даде одговор како нашиот имунолошки систем реагира на инфекции – објави Нобеловиот комитет во Стокхолм.
Денеска ќе бидат објавени Нобеловите лауреати за физика, утре за хемија, в четврток за литература, а во петок за мир. В понеделник ќе биде објавен добитникот на Нобелова награда за економија. Наградата се состои од златен медал, диплома и чек од 9 милиони круни (околу 1 милион евра).