Најавената мастер дебата со сите претседателски кандидати нема да се одржи, соопштија денеска од изборниот штаб на кандидатот за претседател Стево Пендаровски.
„Изминатиот период, преку интензивна комуникација на изборните штабови на сите седум претседателски кандидати беше постигнат консензус за одржување на две големи т.н. „мастер дебати“. На тој начин, во духот на демократијата и транспарентноста, јавноста ќе следеше отворена дебата за прашањата за кои се залагаат претседателските кандидати и за нивните програми“ велат од штабот на Пендаровски.
Тимот на кандидатот Стево Пендаровски организираше средби со претставници од националните телевизии и последователни средби со претставници од изборните штабови на другите кандидати за претседател, со цел да се решат отворените прашања, да се надминат разликите и да се удоволат одредени специфични барања.
Планирано беше дебатите да се одржат на неутрална локација и да бидат емитувани од националните телевизии и на социјалните мрежи.
Сепак, за жал, и покрај позитивните намери и соработката меѓу изборните штабови, политичките и медиумските услови во моментот не овозможуваат создавање на потребните услови за одржување на дебатите, изјавија од тимот на Пендаровски.