„Ниту Киев, ниту Москва не се подготвени да разговараат за крај на војната“

Турските и американските официјални претставници на состаноците во Вашингтон одржаа детални разговори за војните во Украина и Газа и различни билатерални прашања, изјави вчера турскиот министер за надворешни работи.

Сојузниците на НАТО во четвртокот започнаа состаноци, наречени Стратешки механизам, за да разговараат за напорите за надминување на длабоките политички разлики и подобрување на соработката во други области.

Врските меѓу двата сојузници беа затегнати во последниве години поради растечките несогласувања за низа прашања, иако односите оттогаш добија на интензитет откако Анкара ја одобри кандидатурата на Шведска за пристап во НАТО.

Турскиот министер за надворешни работи Хакан Фидан рече дека официјални лица одржале неколку рунди разговори на теми како Сирија, Украина, Газа, соработката во одбранбената индустрија, енергијата и борбата против тероризмот.

Фидан рече дека ја повторил позицијата на Турција дека е неопходен итен и траен прекин на огнот во Газа и ја истакна потребата двете земји да направат повеќе за да ја ублажат хуманитарната катастрофа и да го отворат патот за израелско-палестинско решение со две држави.

Тој, исто така, разговараше за начините за ставање крај на руската инвазија на Украина со неговиот американски колега Ентони Блинкен и советникот за национална безбедност Џејк Саливан, повторувајќи дека Анкара верува дека е време да се зборува за начините за ставање крај на војната, но дека Турција не ја гледа таа подготвеност од страна на на Киев и Москва.

Сојузниците продолжуваат да не се согласуваат за голем број прашања, како што е купувањето на руски одбранбени системи С-400 од страна на Турција и санкциите што произлегуваат од САД, кои ја спречија Турција да набави борбени авиони Ф-35. Турција е исто така длабоко загрижена поради американската поддршка за курдските милитанти во Сирија, кои Анкара ги смета за терористи.