Никој не стави вето за користење на замрзнатите руски средства за поддршка на Украина, тврди Кошта

Различни лидери покренаа технички прашања што треба да ги решиме и затоа ја повикавме Комисијата да продолжи да работи, да ги реши овие технички прашања и повторно да дојде со предлог на Европскиот совет во декември за да донесе конечна одлука, рече Кошта.

Никој не стави никакво вето на предлогот на Европската комисија за користење на замрзнатите руски средства за исплата на финансиска поддршка на Украина, изјави доцна синоќа претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта на прес-конференцијата по завршувањето на вчерашниот Самит на ЕУ.

– Различни лидери покренаа технички прашања што треба да ги решиме и затоа ја повикавме Комисијата да продолжи да работи, да ги реши овие технички прашања и повторно да дојде со предлог на Европскиот совет во декември за да донесе конечна одлука, рече Кошта на заедничката прес-конференција со претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен.

Кошта додаде дека лидерите на ЕУ ќе разговараат и ќе ја донесат најважната политичка одлука за обезбедување целосна поддршка за Украина за задоволување на нејзините финансиски потреби во 2026 и 2007 година.

Тој истакна дека за ова прашање се разговарало и во текот на работната вечера со претседателката на Европската централна банка, Кристин Лагард и со првиот човек на Еврогрупата, Паскал Донохју, кои, според Кошта, јасно порачале дека овој предлог на Комисијата е во согласност со европското и меѓународното право и остануваат уште да се решат некои технички прашања. – Претседателот на Еврогрупата изјави дека ова е најдобриот начин за решавање и спроведување на нашата политичка одлука за обезбедување вистинска финансиска поддршка за Украина за 2026 и 2027 година, рече претседателот на Европскиот совет.

Според Кошта, оваа политичка одлука е и најважна порака до Русија дека Украина ќе ги има потребните средства за да продолжи да се бори за праведен и траен мир и за одбрана од руската агресија.

– Украина може да смета на поддршката од Европската унија. Украина не е европски товар. Ние сме подготвени да продолжиме да работиме за поддршка на Украина, додаде Кошта.

Фон дер Лајен од своја страна нагласи дека во предлог-заклучоците за Украина има „силен јазик“ за посветеноста на ЕУ да ги задоволи потребите на Украина, вклучувајќи ги и оние за одбраната и безбедноста.

– Посветеноста на Европскиот совет за тоа е многу јасна и има повик до Комисијата да излезе со опции. Ова е тема што сигурно не е тривијална, туку е многу комплексна и затоа ја дискутиравме. Исто така, беше многу јасно дека има точки што треба да се разјаснат, да се испитаат длабински и повеќе да се работи на нив. Со други зборови, се согласивме за „што“, а тоа е заемот за репарации и сега мора да работиме на „како“, како да го овозможиме тоа и која е најдобрата опција за да продолжиме понатаму, истакна Фон дер Лајен.

На прашање дали користењето на замрзнатите руски средства е единствената опција или се разгледуваа и други солуции, Фон дер Лајен одговори дека за покривање на финансиските, одбранбените и безбедносните потреби на Украина секогаш постојат и други опции.

– Но, фокусот е на имобилизираните средства и ќе да ги разгледаме различните опции, рече Фон дер Лајен, додавајќи дека и Лагард и Донохју биле многу јасни дека „има елементи што треба да се решат и тие можат да се решат“.

Одговарајќи на истото прашање, Кошта истакна дека тој како политичар знае дека секогаш постојат алтернативи и задача на политиката е да ја донесе најдобрата политичката одлука врз основа на споредување на предностите и недостатоците на предлогот.

– Мислам дека Комисијата пронајде многу паметно иновативно решение, но секако, како и сите други решенија има и предности и недостатоци. Она што како одговорно тело треба да го направи Советот е ги разгледа и да ги спореди алтернативите. Затоа побаравме од Комисијата да ги презентира опциите, Советот да ги анализира и потоа заедно да можеме повторно да се собереме на Европскиот совет во декември и да ја донесеме конечната одлука, рече Кошта.

Во заклучоците од вчерашниот Самит на ЕУ, во делот за Украина воопшто не се споменуваат замрзнатите руски средства. Како анекс на документот, но не и негов официјален дел, беа објавени и предлог-заклучоците за Украина за кои се вели дека биле „цврсто поддржани од 26 шефови на држави или влади“.

Белгискиот премиер Барт де Вевер вчера при пристигнувањето на Самитот најави дека ќе се спротивстави на носење политичка одлука за користење на руските средства, доколку не добие доволно гаранции од другите земји членки за споделување на ризикот од ваквата постапка.