Николоски: Целосно пропадна тендерот за пругата кон Бугарија
Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски во разговор за „360 степени“ изјави дека целосно пропаднал јавниот повик за пругата кон Бугарија – и за изведба и за надзор.
Николоски вели дека проектот бил прескап за македонски услови, особено што се работело за „бавна пруга“.
„Првиот проблем е цената. Сиромашна држава како Македонија треба да потроши 560 милиони евра за 24 километри пруга што некаде доаѓа околу 24-25 милиони евра по километар, што ќе се согласите дека е екстремно скапо. И дополнително, можеби јавноста не знае, не се работи за брза пруга. Се работи за спора пруга. Односно, за пруга од категорија Б каде што брзината е од 60 до 80 километри на час,“ рече Николоски, кој на забелешката дека според анализи во јавноста дека таа цена и не е толку висока, ако се споредува со цената на чинење на други пруги во светот, одговори дека тоа се анализи за пруги по кои може да се движат возови со 300 километри на час, додека проектот за пругата кон Бугарија бил од категорија Б, за брзини од 60 до 80 километри на час.
На прашањето како ги коментира наводите од Делегацијата на Европската Унија и од Европската инвестициска банка (ЕИБ), кои велат дека дизајнот на проектот е правен од меѓународни консултанти, како и тендерската процедура, и дека сето тоа е работено за да одговара на намената, Николоски рече: „Ги коментирам на начин што тие не сакаат сами себе да се погазат и не сакаат она што го направиле да речат дека не е добро. Но, не е добро.“
Николоски рече дека единствен начин да се изведе проектот е тој да биде заеднички со Бугарија – во спротивно тој нема намера да распишува нов тендер под услови како досегашните.
„Тоа значи дека треба да седнеме со Бугарија… заеднички да направиме проект, да видиме дали оваа линија е најдобра, да видиме дали има подобра линија, јас мислам дека има и заеднички да направиме проект, заеднички да најдеме финансирање и заеднички да го тендерираме. Само така има логика“, рече тој.