Николоски: Функционери на ДУИ станале сопственици на земјиштето каде треба да поминува автопатот кон Блаце

Министерот за транспорт и врски, Александар Николоски вели дека функционери на ДУИ станале сопственици на земјиштето каде што треба да поминува автопатот Скопје – Блаце. Министерот ваквите сознанија ги открива во интервју за „Фокус“ каде зборува и за другите проекти кои треба да ги реализира неговото министерство.

Николоски посочува и за сериозни наводи во врска со надзорот над автопатските делници што (треба да) ги гради „Бехтел-Енка“, за автопатската траса кон Блаце, за пругата кон Бугарија.

Пред една недела Николоски на прес-конференција откри дека претходната влада на СДСМ и ДУИ предвидела за 12 километри пат да се потрошат 240 милиони евра или околу 20 милиони евра по километар.

„Станува збор за одбрана нова планинска траса од 12 километри, од кои шест километри се тунели. Вредноста е 240 милиони евра, 20 милиони по километар. Се прави ревизија со „Државни патишта“ да видиме дали е изводлив овој проект, да видиме дали сепак би можеле да ја користиме постојната траса“, рече Николоски.