Николоски: Понудата за лидерска средба се уште важи, а барањата на Бугарија се под секое национално достоинство

Иако формалниот претседател на СДСМ и премиер на македонската Влада, Димитар Ковачевски ја одби понудата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, професор д-р Христијан Мицкоски за лидерска средба на која, меѓу другото, би се разговарало и за одредување на брз датум за предвремени парламентарни избори, понудата се уште стои отворена“. Ова денеска од Неготино го порача потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски.

Тој посочи дека освен што понудата е отворена, подготвени се да разговараат со секој во СДСМ кој што ги носи одлуките, како на пример Зоран Заев, Радмила Шеќеринска или некој друг.

„Ние дадовме десетина дена да размисли и еве да повторам оттука, доколку Димитар Ковачевски не е тој кој што ги носи одлуките во СДСМ, спремни сме да седнеме и да разговараме со тој кој што тие ќе го посочат дека ги носи одлуките во СДСМ. Ако е Зоран Заев, Зоран Заев ако е Радмила Шеќеринска, Радмила Шеќеринска ако е некој трет, тој кој што ќе го посочат. Потребно е Македонија да излезе од политичката и економска криза, преку решенија во четирите клучни сектори, економија, надворешни работи евро интеграции и односи со Бугарија и заштита на македонскиот национален идентитет, образование и здравство. И секако определување на брз датум за предвремени избори, затоа што излез од оваа криза се само предвремени избори, а додека да се случат тие предвремени избори, да не се губи времето и овие четири тима да работат. Нашата понуда стои и е отворена, оставаме на нивната политичка свест и одговорност“ – рече Николоски.

Тој истакна дека ЕУ треба да изврши силен притисок врз Бугарија, со цел во јуни да се тргне ветото и Македонија конечно да добие датум за почеток на преговори.

„Барањата коишто ги има Бугарија се под секое национално достоинство и не мислам дека треба да се разговара нити за засебноста на македонскиот народ ниту за посебноста на македонскиот јазик, тоа се дадени работи и основни човекови права на Македонците“ – рече Николоски.