Николоски очекува намалување на цените за телекомуникациски услуги

Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, по денешното отворање на понудите од тендерот за нов мобилен оператор, а на кој единствен понудувач е „ОНЕ Македонија телекомуникации“, порача дека конкуренцијата е здрава работа и оти очекува пониски цени во мобилната телефонија.

Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, по денешното отворање на понудите од тендерот за нов мобилен оператор, а на кој единствен понудувач е „ОНЕ Македонија телекомуникации“, порача дека конкуренцијата е здрава работа и оти очекува пониски цени во мобилната телефонија.

-Апсолутно, конкуренцијата е здрава работа и мора да има конкуренција. Јас во една прилика кажав, дали ќе влезе или не трет мобилен оператор во државава, еве влегува, зависи само од постојните два оператори. За жал во овие година и нешто ништо не направија ниту да ги подобрат услугите ниту да ги намалат цените, рече Николоски, на новинарско прашање пред денешниот состанок со раководството на Стопанската комора.

Како што посочи, изборот на нов оператор е независна постапка на Агенцијата за електронски комуникации, а процедурата ќе продолжи по завршување на изборите.

– Драго ми е дека има интерес. Од прв ден кога бев избран на функцијата кажав дека на македонскиот пазар има дуопол помеѓу двата мобилни оператори и тоа е факт кога ќе видите поделба на пазарот 51 и 49. Сѐ е јасно, во однос на квалитетот и на цените мислам дека граѓаните доволно кажуваат, така што конкуренцијата е здрава и добра. Од АЕК кажаа дека имаат одредени ограничувања поврзи со изборите, но изборите ќе завршат за два месеца, процедурата ќе си продолжи. Согласно тендерските правила веќе на крајот на следната година треба да работи новиот оператор, што значи дека му се дава една година да се опреми, со базни станици, итн, и веќе во следната година ќе можеме да имаме мобилни телефони и со трет оператор во државата, изјави Николоски.

„Оне Македонија телекомуникации“, фирма на унгарската „Фор-ај-џи“ достави понуда на тендерот на АЕК за доделување одобренија за нов мрежен оператор откако во декември лани поднесе документи до регулаторното тело и изрази интерес за влез на македонскиот пазар како трет мобилен оператор.

Комисијата за спроведување на тендерот денеска на отворањето на понудите во АЕК констатираше дека ги доставиле сите документи и најави евалуација и подготовка на извештај до директорот на АЕК за конечна одлука.

– Три заинтересирани страни подигнаа тендерска документација, но официјално доставена е само понуда од еден понудувач. Сите документи од понудувачот се доставени. Ќе се продолжи согласно законот. Следува евалуација на документацијата, по што ќе се изготви извештај до директорот на АЕК, со предлог што да се направи како следен чекор. Бидејќи има само еден понудувач нема да се оди со чекорот јавно наддавање. Тука би требало да заврши процесот и доколку е сѐ во ред би требало да се донесе позитивна одлука за влез на пазарот, рече Игор Бојаџиев, претседател на Комисијата.

Потенцијалниот нов мобилен оператор во земјава, според условите од тендерот, треба да почне со работа на крајот на 2026 година.

Заклучно со првиот квартал од годинава во државава се регистрирани 1 941 996 активни претплатници во мобилната телефонија, од кои најголем удел имаат двата мрежни оператори, А1 Македонија, 47,69 проценти и Македонски Телеком со 46,66 проценти. Удел од 3,38 проценти има М-ТЕЛ, виртуелниот мобилен оператор што влезе на пазарот во октомври 2022 година, 1,34 проценти на Телекабел, 0,38 проценти Мтелмобајл, 0,10 проценти Греен мобиле.

Во приходите од обезбедување мобилни комуникациски услуги (малопродажно ниво) во првите три месеци од годинава Македонски Телеком има удел од 49,77,а А1 Македонија од 47,71 процент.