„Со имплементацијата на Системот за информации на Шенген се плашам дека низ мала врата некои од државите од Шенген зоната пробуваат да воведат визи повторно, посебно како политичка алатка како што е напишано и во извештајот и токму затоа го поддржувам член 6 каде што Собранието ги повикува земјите членки на Шенген зоната да направат одредени работи. Но исто така мислам дека воведувањето на овој систем треба повторно да се разгледа бидејќи може да чини долготрајни политички последици за ЕУ. Кредибилитетот на ЕУ надвор од унијата е ослабен од повеќе причини и ако има дополнителни рестрикции за државите што не се членки на Шенген зоната, а повеќето не се земји членки на ЕУ но се земји кандидати, тогаш тоа е голем политички ризик за ЕУ. Мислам дека имплементацијата на Системот за информации на Шенген оди против идејата за поддршка на европската перспектива на Западен Балкан”, рече Николоски.
Според планот на ЕУ секој граѓанин кој доаѓа од земја која не е дел од Шенген зоната за да патува ќе мора прво да се најави во земјата каде што патува и потоа да чека одобрение од властите на таа земја. Поради ова, Советот на Европа во извештајот меѓу друго им препорачува на земјите членки на зоната да се осигурат дека безбедносниот шенген систем нема да се користи за политички прични против трети земи, дека на секој случај ќе му се пристапува индивидуално како и да не се создаде пракса што ќе ги оневозможи граѓаните од земјите кои не се дел од Шенген зоната да учествуваат во културни, социјални, научни и економски активности.
Во Шенген зоната членуваат 26 европски земји плус Монако кои со договор ги укинаа своите внатрешни граници, за слободно и неограничено движење на луѓе, во склад со заедничките правила за контрола на надворешните граници и борба против криминалот преку зајакнување на заедничкиот судски систем и полициската соработка. Шенген зоната ги опфаќа најголем дел од земјите на ЕУ со исклучок на Ирска, Романија, Бугарија, Кипар и Хрватска. Иако не се членки на ЕУ, земји како Норвешка, Исланд, Швајцарија, Луксембург и Лихтенштајн се исто така дел од Шенген зоната.
Безбедносниот систем на Шенген зоната има четири нивоа на заштита: ЕУ-ЛИСА, Шенген информацискиот систем (SIS), Информациски систем за Шенген визи (ВИС) и Евродак.
Шенген информацискиот систем, е ИТ безбедносен систем што се користи за внесување на податоци за предупредување поврзани за луѓе или предмети што влегуваат во Шенген зоната. Овие предупредувања можат да бидат поврзани со информации за исчезнати луѓе или изгубени документи до жртви на трговија со луѓе или можни осомничени за различни злосторства. Шенген информацискиот систем може да се користи и за фаќање луѓе кои се обидуваат илегално да влезат во земјите на Шенген зоната.