Николоски: На 16-ти јули македонско-бугарска средба во Брисел за Коридорот 8

Покажавме, подвлече Николоски, дека постои инженерски, а не политички проблем со железничкото поврзување, што доведе до тоа Бугарија да ги преземе своите обврски за изградбата на пругата од Коридорот 8.

Македонија и Бугарија ќе имаат средба на експертско ниво во присуство на Европската комисија за тунелот за железничкото поврзување на Коридор 8 на 16 јули во Брисел. Има начелна согласност тунелот да се гради заеднички за што би се побарал грант од ЕУ како симболика за поврзување меѓу двете земји, соопшти вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски.

Во гостување на ТВ Сител рече дека средбата со неговиот бугарски колега Гроздан Караџов, што се одржа викендот во рамки на Форумот на министри за транспорт во Турција, била долга и содржајна и била постигната согласност за трите прашања што ги достави македонската страна за изградбата на пругата претходниот период. Истакнал, како што соопшти, дека мора да се расчисти дека од крајно инженерски проектантски проблем се направил политички проблем и порачал дека не смее да се дозволи тоа да се случува во иднина.

Покажавме, подвлече Николоски, дека постои инженерски, а не политички проблем со железничкото поврзување, што доведе до тоа Бугарија да ги преземе своите обврски за изградбата на пругата од Коридорот 8.

Од изградба на тунел, што мора од некаде да почнува, но и да завршува, наведе Николоски, за жал, бугарската страна, одредени структури претежно од претходните влади, успеаја, да направат проблем, што според него е недозволиво.

Во однос на суштинскиот дел, рече Николоски, од самиот старт кажавме три работи, прво дека поврзувањето со Бугарија мора да биде преку тунел, кој мора заеднички да се изгради, второ дека Македонија треба да го заврши својот дел од работата, но и Бугарија да го заврши својот дел,  и трето можеби и најважно ние сакаме Скопје да се поврзе со Софија, а не со Крива Паланка, а од Софија и со Бургас и со Варна, а за тоа да се случи Бугарија, додаде Николоски, мора да ја модернизира својата железница.

– Добивме одговор на трите прашања. Прво, веќе постои согласност дека тунелот мора да се гради заеднички, за тоа ќе има средба во Брисел на 16 јули помеѓу експерти од Македонија, Бугарија и Европската Комисија. Второ, ќе се потпише и документ, како заедничка декларација. Ќе работиме да се изработи што побргу, со тимови на највисоко ниво, од двете влади. Понатаму Бугарија јасно кажа дека ќе инвестира милијарда и 500 милиони евра на потегот од Софија до Ѓуешево и Девер Баир, граница со Македонија, што е значајно ветување и многу поразлично од она што беше претходно, рече Николоски.

Тој потсети дека имаше проблем подолг временски период да се одржи средба со бугарската страна, а една од причините, како што рече, е што во Бугарија седум пати имаше избори и првпат има постабилна влада, и се најде начин во рамки на форумот да се одржи средба.

– Многу детална беше средбата, уште неделава да се реафирмира барањето за средба на највисоко ниво, во тек на јули да се финализира текстот што би го потпишале заеднички, во тек на јули Бугарија да објави тендер за делот од Ѓуешево до граница со Македонија, во тек на јули да ги вратат овие 550 милиони евра назад, на 16 јули да има средба на експертско ниво, во тек на јули и август да се ревидира проектот од наша страна, за делот што ние треба да го изградиме и во тек на јули, август и септември заеднички доколку двете држави се усогласиме да побараме од ЕУ грант за изградба на тунелот како тунел што поврзува две држави. Идејата и наша, а ја прифатија секако и од Бугарија е ова да биде грант од ЕУ за поврзување помеѓу двете држави, рече Николоски.

Дополни дека секогаш е умерен оптимист и оти се надева дека зборот ќе биде одржан.

Од пругата кон Бугарија на почетокот на годината беше пуштена првата делница Куманово-Бељаковце, инвестиција од 90 милиони евра. Се работи на втората делница од Бељаковце до Крива Паланка, а проценетата вредност од 150 милиони евра според министерот Николоски „ќе оди до износ од 190  до 195 милиони евра“.  За третата делница од Крива Паланка до границата со Бугарија со тунелот, само градбата е 450 милиони евра, а уште 110 милиони евра ќе требаат за патната сигнализација.  Тоа, потенцира, се околу 900 милиони евра кои треба да се дадат од македонските и од европските даночни обврзници, а упорноста на македонската страна даде резултат.