
Николоски најави инвестициски циклус од 500 милиони евра и поддршка од Светска банка
Тој најави голем инвестициски циклус, којшто покрај од средствата од општината и оние редовни средства коишто Владата ги префрла, како што кажа, а досега инвестирале околу 500 милиони евра во сите општини заедно, ќе има и дополнителни средства кои Министерството за транспорт во соработка со Светска банка ги има обезбедено и ќе почне да ги реализира во годините 2026, 2027, 2028 и 2029 година.
Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ и вицепремиер и министер за транспорт Александар Николоски, денеска присуствуваше на увид во реконструкцијата на улицата „Палмиро Тољати“ во населба Ченто, при што истакна дека овој проект е начин на којшто треба да се водат проекти во иднина, односно да се изготвуваат целокупни решенија што ќе значат целосно решение за една населба, блок, или едно маало, а не парцијални решенија.
-Сакам да му честитам на градоначалникот за начинот на којшто е сето ова предвидено, испроектирано, и се реализира и убеден сум дека после неколку недели и месеци кога ќе заврши целата оваа работа, целата населба ќе добие комплетно нов лик и ќе стане многу поатрактивно место за живеење. Се работи за една пријатна населба, за убаво место за живеење коешто сум убеден дека ќе стане многу атрактивно особено во услови кога луѓето бегаат и од градскиот метеж и од загадувањето во текот на зимата. Мислам дека со ова што го прави градоначалникот и вредноста на целокупниот имот во населбата ќе порасне значително во споредба со она што е сега, рече Николоски во изјава за медиуми.
Николоски најави дека поддршката за Општина Гази Баба ќе продолжи и оти ќе се реализираат бројни проекти.
-Градоначалникот води одлична политика, општината навистина добива целосна трансформација во овие четири години, за жал во тие четири години, три години немаше некоја добра соработка со претходната Влада на СДСМ и ДУИ. Но во последнава година и три месеци се обидуваме заеднички да компензираме тоа што можеме, а ветувам дека во следниве четири години во заедничка соработка меѓу Владата, Министерството за транспорт и општината ќе реализираме бројни проекти, рече Николоски.
Тој најави голем инвестициски циклус, којшто покрај од средствата од општината и оние редовни средства коишто Владата ги префрла, како што кажа, а досега инвестирале околу 500 милиони евра во сите општини заедно, ќе има и дополнителни средства кои Министерството за транспорт во соработка со Светска банка ги има обезбедено и ќе почне да ги реализира во годините 2026, 2027, 2028 и 2029 година.
Кандидатот за градоначалник на Гази Баба и актуелен градоначалник Бобан Стефковски истакна дека улицата „Палмиро Тољати“ е една од поважните сообраќајници во Општина Гази Баба и оти ова е еден од низата капитални инфраструктурни проекти што се реализираат со поддршка на Владата.