Николоски: Маските паднаа, се потврдија лагите – промена на историјата и учебниците за напредок на Македонија кон ЕУ!

„Паднаа маските, се потврдија лагите! Ни 24 часа не издржа лагата на Владата на СДСМ и ДУИ дека билатералните спорови со Бугарија нема да се услов за напредок кон ЕУ. Ни 24 часа не издржаа. Денес се потпиша Протоколот со кој што Македонија нема да преговара со ЕУ за својот напредок туку ќе преговара со Бугарија за својата историја. Денес во Софија е потпишан Протокол кој ќе биде дел од Преговарачката рамка на Македонија со Европската Унија. Со Протоколот на кој што стои потписот на македонското МНР, промената на историјата и промената на учебниците по бугарски терк стануваат услов за напредок на Македонија кон ЕУ“.

Ова меѓудругото денеска на прес-конференција го изјави потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски.

Тој вели дека „оваа предавничка влада направи и се согласи за промена на историјата, и промена на учебниците поточно за отворена бугаризација како услов за напредок во европските интеграциите“.

„Доколку Македонија прифаќа бугаризација ќе напредува кон ЕУ, доколку не прифаќа бугаризација што е став на огромното мнозинство од македонски народ – нема да напредува кон ЕУ. Лагите паднаа, маските паднаа“ вели Николоски.

Пратеникот од опозицијата смета дека „Протоколот ќе се објави без разлика дали тоа ќе се случи утре, дали ќе се случи во вторник после сликањето во Брисел или во среда, во четврток, тој Протокол ќе се објави. И тој Протокол ќе е од интерес на македонската јавност не ден или два, не час или два, туку години и години нанапред затоа што тој Протокол го успорува напредокот на Македонија. Тоа е Протоколот кој што е камен околу вратот на Македонија“.

„Според Протоколот потпишан денес во Софија, на кој Бујар Османи и Бојан Маричиќ гордо застанаа јасно и гласно пишува дека вистинските преговори на Македонија со Европската Унија нема да започнат со сликањето, како што тоа го најави Ковачевски кое што ќе се случи во Брисел во вторник, туку ќе започнат после промената на Уставот на Македонија со цел вметнување на Бугарите во Уставот, и одржувањето на вистинската меѓувладина конференција. А, напредокот на тие преговори ќе зависи исклучиво од тоа дали Македонија ќе прифаќа промена на историјата, промена на учебниците, промена на културното наследство и цензура во медиумите“ вели Николоски.

Тој повтори дека ВМРО-ДПМНЕ остро ќе се спротивстави на овие антидржавни договори, протоколи, рамки кој оваа ненародна власт предводена од СДСМ и ДУИ ги потпиша.