Николоски: Да имаше добар предлог за Македонија, Ковачевски ќе славеше, а Радев и Петков немаше веднаш да прифатат

„Да имаше добар предлог за Македонија, вечерва на прес конференција, Ковачевски ќе славеше на плоштад, ќе го објавеше и ќе покажеше што е добро за Македонија и затоа ова е обид за национално предавство, Ако внимателно се следеше прес конференцијата ќе се види дека тој скоро и ништо да не кажа, ги избегна сите прашања на новинарите и вртеше три реченици во круг“.

Ова синоќа го изјави потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски на ТВ 21, во врска со последниот предлог од француското претседателство за решавање на спорот со Бугарија.

Николоски истакна дека Ковачевски изјави дека договорот за добрососедство бил обврска за Македонија, а протоколот произлегува од член 12 на истиот тој договор.

„И затоа според нашите сознанија, измените се само семантички и е мала шминка. На пример нема да пишува протокол, ќе пишува разгледување на годишен извештај за спроведување на договорот за добрососедство меѓу Македонија и Бугарија, што на крај е исто“ – рече Николоски.

Тој праша како е возможно предлогот да не го знае јавноста, да не го знаат медиумите, да не го знае ние ВМРО-ДПМНЕ, не само како опозиција, туку и како најголема политичка партија во Собранието со најмногу пратеници и најмногу градоначалници, а да го знае Еди Рама.

„Зошто се крие од јавноста? Пред две недели кога стигна францускиот предлог се лажеше цела јавност, дека не знаат што е и дека не учествувале во консултации во истиот, за вчера на пратенички прашања Ковачевски да потврди дека знаеле и учествувале. Јас директно го прашав дали во Скопје најмалку три пати крај на мај и почеток на јуни е дојдена француска делегација, и тој потврди дека е така. Да беше предлогот добар немаше во една минута да го прифатат и Румен Радев и Кирил Петков, бидејќи се знае дека особено Радев е екстремен, тие немаше да го прифатат ако ова беше добар предлог за Македонија“ – потенцираше Николоски.