Николоски: Дали дел од МВР е влезен во соработка со криминалното подземје?

Досега ова на филмови сме го гледале, а знаете дека филмовите повеќе одговараат на фикцијата отколку на реалноста. Ова не сме го гледале и не треба да го гледаме. Ова не е нешто што може да е нормална ситуација за Македонија и ова покажува колку се руинирани институциите, но отвора и многу други прашања, истакна потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски за време на неговото гостување во емисијата „За или против“ на ТВ Алфа коментирајќи го обидот за убиство сред бел ден во трговскиот центар Ист Гејт и состојбите во Министерството за внатрешни работи.

Николоски додаде дека дел од Министерството за внатрешни работи е влезен во соработка со криминалното подземје и тоа се одразува на истрагите кои најчесто завршуваат неуспешно.

„Јас имам навика да отворам некои прашања кои некои други се плашат да ги споменат или ги премолчуваат, а тоа е за состојбата во полицијата и во Министерството за внатрешни работи. За состојбата на дел од полицискиот кадар да бидам попрецизен кој според она што го слушам е влезен во одредена соработка со криминалното подземје, па дури и во корупција и сето тоа се одразува на ефикасноста на полицијата за спроведување ефективни истраги затоа што не е Македонија прва држава во која што се случуваат криминални дела од типот на, во случајов обид за убиство, но Македонија е една од ретките држави во коишто тие случаи не можат да се расчистат брзо, промптно по извршувањето на истите, потенцираше Николоски.

Тој упати и критики до министерот за внатрешни работи дека наместо да глуми министер за надворешни работи и да се слика треба да се фокусира на воведување ред и правда во државата, бидејќи тоа што некој се дрзнал среде бел ден да прави обид за убиство и институциите не можат ниту да го идентификуваат, зборува за тоа дека корупцијата е длабоко навлезена во дел од полицискиот кадар.

„Сликање и шминкање како она денес да се соберат колеги министри за внатрешни работи од регионот па да се покажува некоја големина тоа може да го прави министер за надворешни работи, да прави меѓународна соработка, но работа на министер за внатрешни работи е да се фокусира дома во државата и да воведе ред и правда. Самото тоа што на среде бел ден некој се дрзнал да прави обид за убиство и еве денови поминуваат, не можат ниту да го идентификуваат кој е, име и презиме не можат да му најдат, а да не зборуваме да го фатат, така што сам ако не се предаде веројатно и никогаш нема ни да го фатат, многу зборува колку се руинирани институциите и дека она што го слушаме, а тоа е дека корупцијата е длабоко влезена помеѓу дел од полицискиот кадар, за жал е точно“, потенцираше Николоски и додаде:

„Вие можете да слушнете особено по Скопје дека сѐ почесто она што порано беше улица и што беше некој уличен рекет сега го преземаа дел од луѓето коишто се во МВР. Можете да слушнете за таканаречен рекет кој што го плаќаат одредени казина, ресторани или кафетерии кон припадници на МВР. Е сега некој ќе рече дајте доказ, но доказот е сето она што се случува. Не случајно луѓето ги зборуваат тие работи и сопствениците на тие објекти ги зборуваат тие работи“.