Игор Николов – претседателот на Комисијата за здравство на ВМРО-ДПМНЕ на денешната трибина „Состојбите во здравството“ упати критики до власта за стопирањето на готовиот проект „Клинички центар – Мајка Тереза“ кој би бил од огромна важност.
„Едно е јасно. Изминативе 5 години се пропушти да се продолжи проектот „Клинички центар – Мајка Тереза кој што беше готов. Се застана и се прекина за еден друг проект кој што беше имагинарен, а тоа е проектот „Клинички центар – Веле поле“ кој по мене и по нас како здравствена комисија и политичка партија, проектот „Веле поле“ е неизводлива работа и може да се прогласи за мртов. Втора работа. Петте години кои поминаа покажаа дека доколку имавме зграда и имавме Клинички центар – Мајка Тереза поедноставно ќе се спротиставевме на пандемијата која што не нападна последните три години. Немаше да имаме толку жртви колку што имавме и системот подобро ќе одговореше на сите предизвици коишто произлегоа“ – рече Николов.
Тој на трибината како огромен пропуст го посочи недостатокот на унифицирани протоколи за лекување на пациентите заразени со КОВИД-19.
„Сведоци сме дека до скоро ги немавме ни протоколите за третман на пациенти со ковид. Македонија беше единствена земја каде што државна тајна беа протоколите. Една институција лекуваше на еден начин, друга институција на друг начин и тоа е причината за тоа што не снајде ова што не снајде“ – рече Николов кој потенцираше дека во менаџирањето на пандемијата здравствените власти не успеаја да го исконтролираат ниту начинот на работење на приватните здравствени болници за каде имаше граѓани кои мораа унапред да платат огромни суми на пари за да добијат здравствена нега.
„Сами бевме сите сведоци дека во период на КОВИД-19 имаше пациенти кои што мораше унапред да платат 12 илјади евра за да добијат здравствена нега во приватна здравствена институција, а тоа во период на прогласена здравствена криза и пандемија мораше да се спречи, да се корегира и да се контролира“ вели Николов.