„Сега гледаме колку е важно обезбедувањето храна, но граѓаните не треба да се грижат. Имаме доволно колични основни производи, подготвуваме план за поддршка на пролетната седиба, а резултат ќе дадат и интервентните мерки“. Ова денеска го рече министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство – Љупчо Николовски за „Утрински брифинг“.
Тој потенцира дека максимално одговорно се постапува, се следат состојбите и се реагира навремено.
„Храна ќе има. Активно и будно ја следиме состојбата. Граѓаните да не стравуваат и да им веруваат на институциите“ – порача Николовски.
Според него, предвидувањата во светски рамки покажуваат колку е ситуацијата сериозна, што, пак, е уште една потврда за значењето на земјоделството и производителите.
Министерот уште еднаш кажа дека со Србија е договорен извоз на околу 50 000 тони жито, но на вчерашната средба во Белград станало збор и за увоз на рафинирано и нерафинирано масло.
-Не е точно дека не ни треба пченица, работата е сериозна. Генералниот секретар на ФАО ќе ве шокира ако ги слушнете прогнозите за тоа што не очекува и како ќе биде. Тоа е доказ колку внимание и поддршка се потребни за да опстанат земјоделството и производителите. Сакам да потенцирам дека максимално се трудиме да има доволно храна, но и да има доволно домашно производство, како и да бидеме увозно независни. Фокусот на државните аграрните политики кои веќе даваат резултат, е секоја педа земјоделско земјиште да биде обработлива, да биде максимално искористена и да се стави во функција на развојот. На среден рок да се зголемат приносите, а на долг рок да се намали увозот“ – напомена Николовски.