
СДСМ предлага план за деблокада на ИПАРД програмата
Пратеникот од СДСМ и поранешен министер за земјоделство, Љупчо Николовски, денеска претстави план за деблокада на стопираните средства од програмата ИПАРД 3 со која треба земјоделците да ги добијат средствата кои им следуваат.
Пратеникот од СДСМ и поранешен министер за земјоделство, Љупчо Николовски, денеска претстави план за деблокада на стопираните средства од програмата ИПАРД 3 со која треба земјоделците да ги добијат средствата кои им следуваат.
Во повикот до Владата, Министерството за земјоделство, Министерството за финансии и Агенцијата за финансиска поддршка Николовски го претстави планот:
1.Утврдување на фактичката состојба, обемот и слабостите. Како претседател на Комисијата за земјоделство, веќе побарав детални информации за причините и обемот на суспензијата за да се утврди вистината и да се откријат институционалните слабости.
2.Врз база на овие наоди заеднички да се подготви Акциски план кој државата ќе го достави, и ќе го презентира до Европската комисија.
„Со ваков еден план државата ќе се обврзе да преземе и да воспостави засилени механизми на контрола, ефективни антикорупциски мерки и поголема транспарентност во спроведувањето на европските програми. Нашата порака до партнерите во Брисел мора да биде јасна и недвосмислена: ова е изолиран случај, надлежните мора да постапат, секој што е инволвиран ќе биде санкциониран“, рече Николовски
Според него, заеднички треба да се покаже одговорност и решителност, бидејќи тоа не е само прашање на европски фондови ова е прашање на доверба во институциите, туку прашање за иднината на македонското земјоделство.
На прес-конференцијата Љупчо Николовски рече дека со суспендирањето на ИПАРД 3, блокиран е целиот буџет од 128 милиони евра, но бидејќи досега на располагање на земјоделците се ставени 65 милиони евра со кофинансирање тоа се вкупно инвестиции во износ од 130 милиони евра кои сега де факто се ставени во мирување.
„Досега има склучени 453 договори во вредност од 35 милиони евра, од кои се исплатени само 10 милиони. Во моментов над 180 инвестиции вредни 25 милиони евра, се директно погодени, а уште 30 милиони евра во нови проекти се стопирани. Овие бројки ги потврди и соопшти и Министерството за финансии вчера“, рече Николовски.
Според него, зад сите овие бројки стојат луѓе, земјоделци, фирми, семејства, кои вложиле сè со надеж дека државата и Европа стојат зад нив. Денес тие се оставени без одговор кога и дали ќе им бидат исплатени средствата, дали воопшто ќе можат да продолжат или не.
Исто така, стотици нови апликанти кои ги подготвија своите проекти за 2025 година сега се во ќор-сокак. И најавените нови јавни повици се стопирани. Ова е силен удар и македонското земјоделството е пред ризик од економски колапс, рече тој.