Николовски: Заедно со ЕУ започнуваме значајна реформа во секторот шумарство
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство во соработка со Европската Унија започнува голема и значајна реформа во секторот шумарство. Проектот е финансиски поддржан од страна на ЕУ со грант од 1,3 милиони евра, средства обезбедени од ИПА фондовите.
Важноста на шумите е еден од приоритетите на МЗШВ и Владата. Континуирано го унапредиме нивното одгледување и заштита, како и чувањето на шумите и шумското земјиште како природно богатство.
Изминатите осум месеци претставници на министертвото и Европската Унија, заедно со сите засегнати страни, јавни институции, претставници на научната јавност, екологисти и невладини организации во областа на шумарството интензивно работеа на проектот „Поддршка на реформите во политиката и законската рамка во шумарството во Северна Македонија“. Работната група работеше на трите очекувани резултати од проектот, односно ревидирање на Стратегијата за одржлив развој на шумарството во Северна Македонија (2006-2026), потоа кон изработка на нов Закон за шуми усогласен со нормативите на ЕУ и подготовка на нова Национална програма за шумарство за имплементација на законот за шуми и Стратегијата за одржлив развој.